Македонија

Светски ден на лицата со Даунов синдром

Светски ден на лицата со Даунов синдром

Денеска е светски ден на лицата со Даунов синдром.  21март  е  симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

За овогодинешниот Светски ден на лицата со Даунов синдром, „Трисомија 21 – Скопје“ одлучи да посвети серија настани и активности на тема што во Македонија сѐ уште се смета за табу: „Сексуално и репродуктивно здравје на лицата со Даунов синдром“. Со цел е да се подигне свеста за оваа важна тема, „Трисомија 21 – Скопје“ ќе се здружи со невладината организација „ХЕРА“, во чија сфера на дејствување се задравственото образование и истражување.

„ХЕРА“  има спроведено бројни обуки за сексуално здравје во дневните центри за лица со интелектуална попреченост. Од 18 до 21 март, лицата со Даунов синдром ќе можат бесплатно да добијат гинеколошки и дерматолошки прегледи како и консултации со психолог и педагог во центарот за млади – „Сакам да знам – Водно“. Сите оние кои се заинтересирани можат да закажат термин на телефон (02)3176-950 (доколку се пополнети сите термини во овој период, нема да биде проблем да се закажат и за понатаму).
Лицата со Даунов синдром и нивните семејства ќе имаат можност да ги споделат своите гледишта на оваа тема со професионалци во рамки на јавна трибина што ќе се одржи на денска, во КОРА – Дом на култура „Кочо Рацин“ (Дом на Градежници), со почеток во 17 часот.

Според предвидената агенда, од  17 до 17.20 часот ќе се дискутираат аспекти на СРЗ и начин на работа и едукација на лица со попреченост. Од 17.20 до 17.40 часот – медицински аспекти и грижа за СРЗ и лица со попреченост. Од  17.40 до 18 часот – Зошто е значајно родителите да бидат примарни едукатори (искуства и препораки). Од 18 до 18.40 часот – Дискусија. Од  18.40 до 19 часот – Затворање.

„Трисомија 21 – Скопје“ ќе учествува со свое видео во „Глобалниот Видео Настан“ организиран од Down Syndrome International, а ќе има и свој претставник на третата по ред годишна конференција по повод „Светскиот ден на лицата со Даунов синдром“, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Темата оваа година е „Здравје и добросостојба – пристап и еднаквост за сите“.

 Можност за учество во конференцијата оваа година ќе има и Росица Колева, активистка на „Трисомија 21 – Скопје“, чиј предлог-говор беше избран од Down Syndrome International – главниот организатор на конференцијата. Росица има дипломирано на Институтот за дефектологија во Скопје и магистрирано во областа на инклузивното образование на Универзитетот Кембриџ. Живеејќи со млад човек со Даунов синдром, со своите родители има директно почувствувано што значи недостаток од ескпертиза, услуги и лекови и колку може да биде комплексна бирократијата за добивање на истите во странство.