Светски ден за борба против пушењето – Во Македонија има околу 700.000 пушачи

Денеска е Светскиот ден за борба против пушење како што се одбележува под мотото „Стоп за недозволената трговија со тутунски производи“. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) во светот пушат 1,1 милијарда луѓе од кои 200 милиони се жени. Шест милиони луѓе годишно умираат од пушење, меѓу нив 600. 000 пасивни пушачи, објави МИА.

По повод Светскиот ден за борба против пушењето во 2015 година се повикуваат земјите да работат заедно за да престане недозволената трговија со тутунските производи. Недозволената трговија е глобален проблем, од аспект на здравство, легислатива, економија и водењето на политика и корупција. Според меѓународните царински служби, 1 од 10 потрошени цигари е набавена на илегален начин. Европската комисија оценува дека недозволената трговија со цигари ја чинат Европската унија и нејзините членки повеќе од 10 милјарди евра годишно губиток на такси и царински приходи.

Во Македонија има близу 700.000 пушачи, кои трошат годишно 11 тони цигари или 5,5 килограми тутун по глава на жител.

Статистиката покажува дека една испушена цигара го скратува животот за 12 минути.

Негативното влијание на цигарите и чадот од цигарите е директно поврзано со многу сериозни заболувања. Негативните ефекти по здравјето се должат на околу 2.500 токсини содржани во тутунот и на околу 4.000 суптанци содржани во чадот на цигарите. Најмалку 250 од овие хемикалии се токсични, а повеќе од 60 од нив се познати како канцерогени.

Последиците од употребата на тутунот се рак на белите дробови, рак на грлото и оралната празнина, срцевите болести и болести на крвните садови и мозокот, хроничен бронхит, хронични не инфективни заболувања и многу други. Пасивното пушење (вдишување на чад од оние кои пушат) го зголемува ризикот на непушачите од рак на белите дробови и ризикот од синдромот на ненадејна смрт кај бебињата.

Светскиот ден за борба против пушењето, 31 мај, се одбележува уште од 1987 година.