Магазин

Светскиот ден на поезијата беше одбележан со свеченост во организација на УНЕСКО

Светскиот ден на поезијата беше одбележан со свеченост во организација на УНЕСКО

Светскиот ден на поезијата, 21 март, беше одбележан со свеченост во организација на УНЕСКО и Струшките вечери на поезија во свечената сала на амбасадата на Република Македонија во Париз.
Беа претставени овогодишните лауреати на „Златен венец“, Ко Ун од Република Кореја и на наградата „Мостови на Струга“, Хари Ман од Велика Британија.

Пред присутните дипломатски преставници на неколку земји во УНЕСКО, дипломатските претставници на земјите од каде потекнуваат лауреатите, и другите присутни, зборуваа амбасадорот на Република Македонија во Франција и во УНЕСКО, Агрон Буџаку, претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, и директорот на Струшките вечери на поезијата Мите Стефоски.

Беше присутен и лауреатот на „Мостови на Струга“, Хари Ман, кој читаше свои стихови. Модератор на вечерта беше Јасмина Шопова од УНЕСКО, која воедно беше и претставник на генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.

По повод настанот УНЕСКО на својата веб-страница објави пригоден информативен текст за лауреатите. Оваа информација беше единствената по повод Светскиот ден на поезијата објавена на веб-страницата на УНЕСКО, покрај пораката од генералниот директор Ирина Бокова. На видно место на истата страница беше поставено логото со линк до веб-страната на Струшките вечери на поезија.