Светските лидери пристигнуваат во Ријад да оддадат почит на кралот Абдула

Шефови на држави и истакнати личности денеска пристигнуваат во Ријад да искажат сочувство на новиот крал Салман за смртта на неговиот претходник и полубрат Абдула.

Претседателот на Франција Франсоа Оланд, британскиот премиер Дејвид Камерон, британскиот престолонаследник Чарлс и иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф се очекува да пристигнат во главниот град на Саудиска Арабија.

Потпретседателот на САД Џо Бајден, исто така, се очекува да пристигне во Ријад.

Вчера на погребот на Абдула присуствуваа голем број лидери од арапските и муслимански земји, меѓу кои турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пакистанскиот премиер Наваз Шариф и шефови на земји од Персискиот Залив.

Сојузникот на Западот во битката против џихадистите, но и критикуваниот за политиката во областа на човековите права Абдула почина на речиси 90 годишна возраст во болница во Ријад од пневмонија. Неговиот наследник на престолот Салман најави дека ќе продолжи со политиката на својот претходник.

Салман го наследи својот претходник кралот Абдула кој почина ноќеска во 01.00 часот по локално време, во болницата во Ријад, каде се наоѓаше на лекување десетина дена поради инфекција на белите дробови.

На саудискиот престол тој беше од 2005 година, иако десет години претходно Абдула ги извршуваше сите кралски должности и практично управуваше со земјата, откако неговиот претходник кралот Фахд претрпе мозочен удар и остна изнемоштен и главно врзан за постела.

Новиот крал Салман е брат на починатиот Абдула, а тие двајцата, како и новиот престолонаследник крунскиот принц Мукрин, се деца на основачот на современа Саудиска Арабија, кралот Абдулазис Ибн Сауд.

Саудиска Арабија сега е сместена во „сендвич“ од милитантните исламистички сунитски групи, како Исламска држава на северот од земјата и Ал Каеда, на југот во Јемен. Официјален Ријад се приклучи кон анти ИД коалицијата, предводена од САД, па саудиски авиони ги бомбардираат позициите на џихадистите во Ирак, но таквиот потег не го одобрува мнозинството од „обичните“ Саудијци.

Саудиска Арабија, како земја најбогата со нафта и главен „играч“ во ОПЕК ќе мора да се изјасни и околу драстичнниот пад на цената на нафтата, која од јуни минатата година, кога изнесуваше 110 долари за барел, се спушти на 46 долари, предизвикувајќи тешкотии и за ова богато кралство.