Светските лидери за Мандела

Доцна синоќа на 95-годишна возраст почина борецот за човекови права и поранешен јужноафрикански претседател Нелсон Мандела.

Во 1993 година ја доби Нобеловата награда за мир, а во следната 1994 беше избран за првиот црнечки претседател на Јужноафриканската република.Пет години подоцна се повлече од функцијата, препуштајќи им ја помладите од себе, а во 2004 година се повлече од јавниот живот. Последен пат се појави во јавноста во 2010 година, на отворањето на Светското фудбалско првенство. Мандела долги години страда од проблемите со белите дробови. Во осумдесетите години на 20 век, тој беше лекуван од туберколоза, додека ја издржуваше казната доживотен затвор, на островот Робен.

Џејкоб Зума: Нашата нација го изгуби својот најголем син
Веста за смртта на Мандела беше обелоденета од претседателот на ЈАР, Џејкоб Зума, во телевизиското обраќање во живо.

„Нашата нација го изгуби својот најголем син. Тоа што го направи Нелсон Мандела ја покажува неговата големина како човек“, рекол Зума.

Мандела, кој беше избран за првиот црн претседател на ЈАР, по поминати речиси три децении во затвор, се лекуваше од инфекција на белите дробови во неговиот дом во Јоханесбург од септември наваму, по поминати три месеци во болница со критична состојба, потсетува „АФП“.

Далај Лама: Нелсон Мандела беше човек со храброст, принципи и неспорен интегритет
Будистичкиот Тибетски духовен лидер, Далај Лама, изјави дека ќе му недостасува „драгиот пријател“ Нелсон Мандела, кого тој го опиша како човек со храброст, принципи и неспорен интегритет. Лама испратил писмо со сочувство до семејството на починатиот јужноафрикански борец против апартхејдот, пренесе „АФП“.

„Најдобриот начин, да го зачуваме сеќавањето за него, е да правиме се’ што е во наша моќ, за да постигнеме единство за хуманост и стремеж кон мир, како што правеше тој“, се вели во соопштението на сајтот на тибетскиот духовен лидер Лама.

Си Џинпин: Кина секогаш ќе се сеќава на извонредниот придонес од Мандела
Претседателот на Кина, Си Џинпин изрази длабока тага и сочувство кон јужноафриканскиот колега Џејкоб Зума во врска со смртта на поранешниот претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела, пренесе „РИА Новости“.

„Кинескиот народ секогаш ќе се сеќава извонредниот придонес на Нелсон Мандела за развојот на односите меѓу Кина и Република Јужна Африка, како и за прогресот на човештвото“, се наведува во пораката на кинескиот шеф до јужноафриканскиот колега.

Индија: Мандела беше вистински чувар
Премиерот на Индија Манмохан Синг го нарече починатиот Нелсон Мандела, вистински чувар кој ќе продолжи да инспирира идните генерации и по својата смрт, пренесе „АФП“.

„Џин меѓу луѓето почина. Тоа е толку голема загуба за Индија, колку што е и за Јужна Африка. Тој беше вистински чувар. Неговиот живот и дело ќе останат извор на внатрешна инспирација за идните генерации. Се придружувам кон сите кои се молат за неговата душа“, се вели во пораката на Синг.

Во одделна изјава претседателот на Индија, Пранаб Мухерџи го нарекува Мандела, државник, светски лидер и икона на инспирација за хуманост.

Советот за безбедност на ОН: Мандела човек кој го смени животот на луѓето
Советот за безбедност на Обединетите Нации, испрати телеграма со сочувство во врска со смртта на поранешниот претседател на ЈАР, Нелсон Мандела, нарекувајќи го воодушевувачки лидер, кој го сменил животот на милиони луѓе низ целиот свет“, пренесе „РИА Новости“.

„Неговиот животен пат на борба против расната дискриминација и клучната улога во формирањето на мировната транзиција кон обединета и демократска ЈАР, станаа незаменливо наследство за неговата земја и целиот свет“, се вели во соопштението на Советот.

Венецуела прогласи тридневна жалост поради смртта Мандела
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро синоќа објави дека во неговата земја ќе биде прогласена тридневна жалост, поради смртта на првиот црн претседател на ЈАР, Нелсон Мандела. Сочувство искажаа и другите латиноамерикански лидери, пренесе „РИА Новости“.

„Во чест на таков титан, како Нелсон Мандела, решив во името на цела Венецуела да објавам тридневна жалост“, соопштил Мадуро.

Венецуелскиот претседател го нарекува Мандела лидер на боречките нации.

„Од Венецуела испраќаме ја испраќаме нашата љубов“, додал Мадуро.

Принцот Вилијам: Смртта на Мандела, исклучително тажна и трагична
Британскиот принц Вилијам ја нарече смртта на Нелсон Мандела, исклучително тажна и трагична, веднаш откако присуствуваше на премиерата во Лондон, на филм за животот на борецот против апартхејдот, пренесе „АФП“. Зинџи, ќерка на Мандела, исто така присуствуваше на премиерата на „Мандела: Долгиот пат до слободата“.

„Точно не потсетија каков необичен и инспиративен човек беше Мандела, моите молитви и мисли сега се со него и неговото семејство“, рекол Вилијам.

Дилма Русеф: Мандела е најголемата личност на 20-тиот век
Претседателката на Бразил, Дилма Русеф, му оддаде почит на Нелсон Мандела, наведувајќи го како пример за оние што се борат за светската правда и мир, пренесе „АФП“.

„Примерот на овој голем лидер, ќе ги води сите оние кои се борат за социјална правда и мир во светот“, рекла таа во својата изјава, додавајќи дека според неа, Мандела е најголемата личност на 20-тиот век.

Бил Клинтон за Мандела: Шампионот за човечкото достоинство и слобода
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон му оддаде почит на „шампионот за човечкото достоинство и слобода“, Нелсон Мандела, пренесе „АФП“.

„Денес светот изгуби еден од своите најважни лидери и еден од своите најдобри човечки суштества. Историјата ќе го памети Нелсон Мандела како шампион за човечко достоинство и слобода, за мир и помирување“, вели Клинтон.

„Сите ние живееме во подобар свет, благодарејќи на животот што Мендела го живееше. Тој докажа дека има слобода во прошката, дека големо срце е подобро од ограничен ум и дека вистинските победи во животот треба да сесподелат“, додал Клинтон.

Претседателот на Нигерија: Мандела е еден од најголемите ослободители
Претседателот на Нигерија жали за загубата на еден од „најголемите ослободители“ во историјата, се вели во телеграмата со сочувство до ЈАР по повод смртта на Нелсон Мандела, пренесе „АФП“.

Гудлек Џонатан, претседател на најнаселената држава во Африка, рекол дека „Мандела секогаш ќе биде запаметен и почитуван од целото човештво, како еден од неговите најголеми ослободители, мудар, храбар и сочувствителен лидер и икона на вистинската демократија“.

Според него поранешниот претседател на ЈАР е извор на инспирација за потиснатите луѓе низ целиот свет.

Тони Абот: Мандела беше вистински голем човек
Премиерот на Австралија, Тони Абот го нарече Нелсон Мандела вистински голем човек, херој на борбата против апартхејдот.

„Нелсон Мандела беше една од најголемите личности на Африка, можеби една од најголемите личности на нашиот век. Вистински голем човек, татко на модерна Јужна Африка“, рекол Абот.

Во официјалното соопштение на премиерот се вели дека Мандела ќе биде запаметен не само како политичка фигура, туку и како морален лидер.

Израел: Светот загуби голем лидер кој го смени лицето на историјата
По повод смртта на јужноафриканската икона Нелсон Мандела , претседателот на Израел, Шимон Перес рече, „Светот загуби голем лидер кој го смени лицето на историјата. Нелсон Мандела беше борец за човекови права, кој остави свој белег во војната против дискриминацијата и расизмот“.

Премиерот, Бенјамин Нетанјаху изјави дека Мандела бил еден од најистакнатите модели на нашето време , кој ќе биде запаметен како татко на нова Јужна Африка и лидер со огромен морал.

Бан Ки Мун: Мандела е гигант на правдата и инспирација за човекот
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го нарече Нелсон Мандела гигант на правдата и инспирација за човекот, пренесе „РИА Новости“.

„Никогаш нема да ја заборавам неговата посветеност и длабокото чувство за заедничка стремеж“, рекол Бан Ки Мун пред новинарите по повод смртта на поранешниот јужноафрикански претседател.

„Никој во наше време не направил повеќе за напредокот на вредностите и аспирациите на ОН. Мандела покажа дека е можно во нашиот свет и внатре кај секој од нас, ако веруваме, како да мечтаеме и работиме во името на правдата и човештвото, ќе успееме“, рекол тој.

Обама: Изгубивме еден храбар и длабоко добар човек на нашето време
Претседателот на САД, Барак Обама, го нарече Нелсон Мандела, длабоко добар човек кој ја зеде историјата во свои раце, пренесе „АФП“.

„Веројатно нема да видиме друг како Нелсон Мандела“, изјави Обама во телевизиско обраќање, поздравувајќи го својот политички херој за неговото ревносно достоинство и непопустливоста волја за жртвување на сопствената слобода за слободата на другите.

Обама додал дека со своето патување од затвореник во претседател Мандела ја трансформира ЈАР и „не трогна сите нас“.

„Тој постигна повеќе отколку што може да се очекува од еден човек. Денес тој почина во својот дом и ние загубивме еден од највлијателните, храбри и длабоко добри луѓе на нашето време“, рекол Обама.

Путин: Мандела, минувал низ тешки искушенија, но до крајот на животот остана верен на светлите идеали на хуманизмот и правдата
Претседателот на Русија Владимир Путин му изрази сочувство на претседателот на Република Јужна Африка, Џејкоб Зума, поради смртта на поранешниот шеф на државата Нелсон Мандела, соопшти прес службата на Кремљ, цитирана од „РИА Новости“.

„Рускиот претседател истакна дека со името на Нелсон Мандела е поврзано со цела епоха во најновата историја на Африка, што е обележана со победата над апартхејдот и градењето на демократијата во Република Јужна Африка. Путин истакна дека Мандела, минувал низ исклучително тешки искушенија, но до крајот на животот останал верен на светлите идеали на хуманизмот и правдата“, се истакнува во пораката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.