Светските медиуми за лидерскиот состанок во Брисел и учеството на Иванов

„Балканските земји се согласија заеднички да справуваат со мигрантската криза“, „Европските лидери договорија отворање нови прифатни центри“, „Трнливи разговори меѓу балканските земји за напливот на бегалци“, се дел од насловите во светските медиуми, кои известуваа за неделниот состанок во Европската Комисија, во Брисел посветен на бегалската криза.

Меѓу пораките од Јункер, Туск, Меркел, и останатите ЕУ челници, во фокусот на интерес на странските медиуми, беа и пораките кои ги испрати македонскиот претседател Ѓорге Иванов, пренесува МИА.

„Бегалскиот коридор се претвора во мигрантски коридор“, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов европското издание на Политико, за време на неговото учество на Лидерскиот состанок

„Низ земјата, со само два милиони жители, досега транзитираа 420.000 бегалци, покажуваат податоците на властите“, пишува Политико во својата опсежна анализа по неделниот состанок во Брисел.

За лидерскиот состанок и учеството на претседателот Иванов јавија дел од највлијателните светски медиуми.

Под наслов „Европските лидери повторно бараат единствен одговор за мигрантската криза“, Њујорк Тајмс пишува: „Ѓорге Иванов, лидерот на Македонија, низ која поминуваат најголемиот број баратели на азил на својот пат од Грција до Северна Европа, рече дека и до 10.000 лица влегуваат во неговата земја секоја ден. – Ако не се држиме заедно, ќе висиме одделно“, рече тој, парафразирајќи го Бенџамин Френклин“.

„Македонскиот претседател Иванов предупреди дека неговата мала балканска земја, клучна за транзитот, може да прими максимум 2.000 мигранти ако премините бидат затворени“, пишува весникот The Daily Star.

Дел од медиумите јавуваат и за разговорот на претседателот Иванов со грчкиот премиер Ципрас околу потребата за размена на информации и податоци околу протокот на мигрантите.

Лидерскиот состанок во Брисел, на кој учествуваше претседателот Иванов, предизвика внимание во стотици европски и светски медиуми. За пораките од него меѓу другите известија CNN, BBC, Russia Today, Guardian, Reuters, DPA, и други.