Свежи пари за поддршка на иновациите

Државата повторно го одврза ќесето. Со 1.450.000 евра ќе ги поддржи иновативните компании кои аплицираа на четвртиот повик од надлежниот Фонд. Се даваат кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва (старт-ап и спин-оф) и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, пишува Лидер.

Вкупно пристигнаа 59 апликации. Најголемиот дел од проектите со кои се конкурирало се од ИКТ секторот, медицината, но има и проекти за фитнес, велосипедизам, видео-продукција, маркетинг, земјоделство, прехранбена индустрија, градежништво. Ова покажува дека повиците на Фондот за иновации се атрактивни и оти се зголемува бројот на компании кои аплицираат на нив.

-31 апликација е за старт-ап претпријатија, а 28 за комерцијализација на иновации. Планирано е да поддржиме 15 старт-ап претпријатија со вкупно 450.000 евра, односно по 30.000 евра од проект. За комерцијализација на иновации се планира да се доделат 10 грантови до 100.000 евра по проект, или вкупно милион евра, вели директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.

На ред е фазата на евалуација. Тоа го прави Комитетот за одобрување на инвестиции составен од меѓународни експерти. На тест се става иновативноста, но и пазарниот потенцијал, се проценува капацитетот на менаџерскиот тим, предвидените трошоци, квалитетот на проектот.

-Оние кои ќе бидат претселектирани ќе имаат можност да ги презентираат решенијата пред Комитетот и лично да ја објаснат иновативноста, пазарниот потенцијал, тимот, капацитетот за извоз. Ова е целта на инструментите, односно да генерираме поголем извоз и поголема конкуретност на бизнисот, објаснува Поповска.

Интересот за парите од Фондот покажува дека домашните компании се гладни за свежи пари за иновативност и за модернизација на производствениот процес.

-Воведувањето иновации во рамките на работењето на македонските компании е од огромно значење во насока на зголемување на нивната продуктивност, конкурентност и квалитет, а им се обезбедува и можност за влез и присуство на нови пазари, како и за зголемување на својата препознатливост, креирање сопствен бренд и остварување поголем профит во рамките на своето1 работење, објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.

Какви се можностите за финансирање?

Македонскиот фонд за иновации и технолошки развој нуди разни можности за финансирање. Годинава ќе се пласираат 3,7 милиони евра за поддршка на иновативните компании.

Преку првиот инструмент се даваат кофинансирани грантови за финансирање новоосновани старт-ап и спин-оф претпријатија. Ова е атрактивен инструмент, бидејќи Фондот обезбедува финансирање до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимални 30 илјади евра.

-Голем бенефит за компанијата беше што го добивме кофинансирањето од страна на Фондот за иновации, затоа што ни помогна да го довршиме развојот на нашиот софтвер и да можеме поактивно да го нудиме и да го продаваме, вели Љупчо Николовски, управител на „Вејпр апликации“.

Се поддржуваат проекти со јасна комерцијална амбиција од фаза на потврден концепт (proof of concept) до преткомерцијална, односно претпазарна фаза.

-Грантот се очекува да ја поттикне културата на преземање ризик и иновација, да обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес, услуга, како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во вискообразовните односно научноистражувачките установи, објаснуваат од Фондот.

Вториот инструмент се кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации. Отворен е за микро, мали и средни претпријатија од сите сектори, кои можат да аплицираат сами или да соработуваат со друго претпријатие или установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност. За овој инструмент, Фондот обезбедува финансии до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимални 100 илјади евра.

Третиот инструмент претставува кофинансирани грантови за трансфер на технологии. Овде е веќе во игра поголема сума пари. Фондот обезбедува финансирање до 50% од вкупниот буџет за проектот, до максимални 200 илјади евра.

-Целта на овој Инструмент е да се поттикне трансфер и имплементација на нови иновативни и подобрени технологии, know-how и технолошки процеси, да се охрабрат различни форми на соработка меѓу микро, малите и средни претпријатија, бизнис-здруженија, кластери, стопански комори, а со цел да се постигне позитивно влијание на секторот, соопштува Фондот.

Четвртиот инструмент нуди техничка помош преку деловно – технолошки акцелератори. Фондот финансира до 75% од буџетот на проектот, со максимален износ (за воспоставување, оперативни трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија) до 500 илјади евра.

Како се враќаат парите?

Главен предизвик за младите претприемачи и за новите бизниси се финансиите, а едно од клучните прашања при аплицирањето за парите од Фондот за иновации е начинот на враќање на парите. Тоа се одвива на следниов начин: по успешна комерцијализација, приходите (не само добивката) кои се остварени како резултат на финансираниот проект од Фондот се основа за плаќање на ројалти. Тоа подразбира 5% од годишниот приход на корисникот до остварување повраток на 120% од износот исплатен од страна на Фондот или за период од 5 години по завршувањето на проектот.

Обезбедени пари и за идниот период

Во Македонија ќе се формира и Фонд за еквити инвестиции. Во план е до 2019 година да се пласираат 30 милиони евра.

-Ова подразбира многу поголема инвестиција од она што досега сме го работеле, а во наредниот период ќе посветиме и внимание овие моментални инструменти да станат достапни и за оние претпријатија кои во моментов не можат да аплицираат поради тоа што не ги исполнуваат условите во смисла на големина на компанија, а и оние научно – истражувачки институции кои работат со претпријатијата коишто се опфатени со дел од инструментите, да можат директно да аплицираат до Фондот, вели Поповска.