Свинското месо поевтини за 10 отсто

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев информира дека производителите на свинско месо донеле одлука цената на свинското месо жива мера да се намали од 105 на 95 денари.

– Тоа отприлика е 10 проценти, а е резултат на намалување на данокот на додена вредност, на сточната храна и како резултат на општо пониската цена на зрнестите култури во Македонија и опкружувањето. Се надеваме дека оваа цена ќе потрае најмалку три месеци иако има благ пораст на цената на сточната храна моментално во Македонија. Но, сепак мислам дека наредните три месеци нема да има промена на цената на месото, жива мера, вели Шаклев.

Тој додаде дека во малопродажбата веќе одредени маркети ја имаат намалено цената на свинското месо од 10 до 20 денари, но нивна е одлуката дали ќе ги намалат цените на свинското месо.

Шаклев најави дека во текот на наредниот период се очекува да се намали и цената на говедското месо.

– Веројатно и на другото месо ќе има намалување, сега тоа е мое слободно кажување, ќе има веројатно намалување на говедското месо, затоа што и тоа е резултат на намалување на данокот и на намалувањето на цената на сточната храна, рече Шаклев.

Тој потсети дека во текот на изминатиот период драстично се намали и откупната цена на млекото, за што сточарите се револтирани, бидејќи млекарниците ненајавено го сториле намалувањето на откупната цена.

– Млекото нема реална цена, барем по кажувањето на сточарите, цената е многу ниска. Млекарите имаат свој монопол и тие калкулираат со цената на млекото. Знам дека незадоволството кај сточарите е огромно, бидејќи ненајавено им ги намалуваат откупните цени, рече Шаклев.

Тој забележува дека откупната цена на овчото млеко од 36-37 денари цената е намалена на 30 денари, а кравјото млеко од 22 денари е намалено на 18 денари.

– Тоа е неоправдано од страна на млекарите, затоа што млекото во малопродажба не е намалено и има извесно незадоволство од цената на млекото кај самите производителите, рече Шаклев.

Според него, треба да се најде законско решение со кое откупувачите без разлика од било која гранка во земјоделството и сточарство ќе ја почитуваат откупната цена на производите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.