Свиркачи објавуваат одлука на Владата за богатење на фирмите на Анѓушев

(објавено на порталот justpast.it)

 

Диверзификација на капиталот додека се владее

Како некој што се борел со срце за промена на власта преку глава ми е веќе од сите пијавици кои гледаат да бутнат некое милионче повеќе за сметка на сите нас кои се мачевме да дојдеме до подобар резултат за да го бутнеме режимот.

Таквите го девалвираат секој наш макотрпен напор и затоа подобро е партијата веднаш да се свести и да реагира, наместо граѓаните да не плукаат по улици и да не обвинуваат дека сме протестирале и сме се бореле само за да се богатиме.

Јас ниту сум се борела за тоа, ниту се борам. Се борев затоа што верував во животот и се борев за да се вработам бидејќи сум сигурна дека имам капацитет да помогнам со труд и знаење и чесно да си ја одработам платата.

Молчев кога во владата влегуваа шарените револуцинери. Си велев дека е во ред, иако никогаш не биле дел од партијата. Протестираа со нас, се организираа и плукаа по режимот. Знам дека преку невладините добиваа и надомест за тоа, но немав против да влезат во владата, бидејќи ангажманот во невладините не е постојан, па и тие заслужуваа вработување, исто како и јас.

Молчев кога договорите ги потпишувавме преку кумот на генералниот секретар Рашковски , кој патем и никогаш не придонел нешто за партијата.

Молчев и кога почнаа да излегуваат аферите за Кочо Анѓушев, кој исто така не е член, ниту бил член. За претседателот Заев и за неговите фирми никогаш нема да зборувам затоа што и да заработи нешто повеќе неговото семејство, партијата се финансирала од тие пари.

Затоа во иднина ќе ги објавувам сите документи кои верувам дека побргу ќе нѐ отрезнат и ќе ни го обелат образот пред јавноста. Еве токму еден од нив.

 

Владата на седница на 29 август донесе одлука за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште. Тоа се 23 дена откако беа распишани изборите и откако владата практично е ограничена и не смее да носи вакви одлуки. Кога се распрашав зошто е тоа така, ми стана јасно. Зад фирмата која учествува во целата работа стои кој ако не Кочо Анѓушев.

Имено станува збор за пренамена на земјиште со која неговата вредност неколкукратно се зголемува. Станува збор за земјиште на кое треба да се гради ХЕЦ Тополка со придружни објекти. Фирмите кои стојат зад сето ова се Energy delivery solutions и Hidro holding односно Мали Хидроелектрани Тополки ДОО сега регистрирана на бул.Свети Климент Охридски број 30, во управната зграда на Фероинвест на Кочо Анѓушев. Управител на МХЕ е братот на Кочо Анѓушев, Тодор Анѓушев.

Ваквата алчност за пари не може да се скрие со поставување на сопствениот брат за управител. Судир на интереси постои и нас ќе не плукаат по улици ако не се избориме против ова. Не знам дали Кочо Анѓушев лично гласал и дали бил присутен на таа седница, но не можам да гарантирам дека не разговарал со другите министри и не ги убедил да изгласаат една ваква одлука која што ќе му донесе екстра профит на него и брат му.

Ете ја погоре одлуката на Влада, па нека повели Анѓушев и нека објасни.Ова е извадок од веб страницата на Фероинвест во кој јасно стои кој е управител на МХЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.