„Свирложба“ по седми пат во „Никола Карев“

Оваа сабота на 02 јуни во „Никола Карев“ – Скопје, по седми пат ќе се оддржи средношколскиот настан „Свирложба“. Имено станува збор за настан од уметнички карактер кој вклучува, свирка, изложби, цртања во живо, драмски текстови и перформанси.

Годинешната тема на свирложбата е „Петти елемент“, етерот според Платон или искрата поради која добиваме желба да правиме било што – според учесниците.

Оваа година музичкиот дел ќе биде исполнет со познати нумери од Пинк Флојд, во изведба на школскиот бенд на „Никола Карев“, драмски текстови и перформанси, цртање во живо и за првпат во средните училишта VJ со кадри од четирите елементи во филмовите на Андреј Тарковски.

Пред многу години, досетливиот Платон по долго размислување се обидел да ја објасни смислата на постоењето. Тој велел дека сè што постои е создадено од 4 елементи: земја, воздух, вода и оган. Размислувањата и уникатноста на Платон довеле до воведување на нов, петти елемент – етерот, кој според него ja претставувал душата на природата. Но што е етерот? Нешто што може тешко да се одговори, или воопшто не може? Штом основните четири елементи се материите, коишто се претвораат и реагираат едни со други, тогаш етерот е самиот простор во кој настануваат сите преобразби. Со оглед на ова може да земеме предвид дека етерот е суштината, основата и движечката сила на сè околу нас. Велиме дека тоа е искрата поради која добиваме желба да правиме било што, и таа искра за секого е нешто различно и посебно, објаснуваат учесниците.