СВКПР изврши контрола во повеќе станици за технички преглед

Во текот на месецов Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР извршил десет контроли во станици за технички преглед на возила, односно во осум Одделенија за управни служби при Одделот за граѓански работи, а исто така биле извршени контроли во Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на автопатот-„Петровец“, како и во 16 организациски единици на МВР во рамките на седум Сектори за внатрешни работи.

По однос на контролата во станиците за технички преглед на возила, односно во Одделенија за управни служби при Одделот за граѓански работи проверки се направени во: ОУР Скопје (станици за технички преглед на Автомакедонија-Кисела Вода, Пауер Спорт Систем-Зајчев Рид и Реал сервис-Визбегово), ОУР Струмица (Центар за возила Струмица), ОУР Гостивар (станица за технички преглед на АМС „Гостивар“), ОУР Велес (станица за технички преглед „Здружение на возачи“), ОУР Штип (станица за технички преглед „ПСС Штип“), ОУР Куманово (станица за технички преглед „Автоконтрол“), ОУР Битола (АМД „Ѓорѓи Наумов“) и ОУР Охрид (станица за технички преглед-Центар за возила Охрид).

Контролите се однесуваа на: почитување на работното време, согласно дневниот распоред за работа; на внесување на податоци во системот за продолжена важност на сообраќајната дозвола за возила и начин на издавање на регистарски таблици; на почитување на член 128 став 3 од Законот за внатрешни работи; како и за утврдување на алкохолизираност на овластените службени лица.

Притоа, утврдено е дека нема неправилности по однос на контролираните прописи.

Исто така, било извршено и алкотестирање на вкупно 10 вработени во наведените станици за технички преглед, при што кај истите не беше утврдено присуство на алкохол. Освен во еден случај каде што државен службеник (во станицата за технички преглед „Реал Сервис“ – Визбегово) не бил на работното место без притоа да ги извести претпоставените за своето отсуство. Исто така кај истиот е констатирано дека од негова страна околу 150 предмети од 2015 година кои се однесуваат на продолжување на важност на регистрации на возила не се внесени во системот за автоматска обработка на податоци.

СВКПС за констатираните пропусти во станица за технички преглед „Реал сервис“-Визбегово во  Одделението за управни работи Скопје, изрече задолжителна мерка, непосредниот раководител  против  државниот службеник да поднесе предлог за покренување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

Во делот на контролата во Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на автопатот-„Петровец“, активностите беа во насока на проверка на: почитување на работното време, согласно дневниот распоред за работа; почитување на Наредбата за користење на службени моторни возила; контрола на постапување по Наредбата за вршење на служба; почитување на член 128 став 3 од Законот за внатрешни работи; утврдување на алкохолизираност на полициските службеници; контрола во поглед на носење на приватни мобилни телефони.

Притоа не беа констатирани неправилности, освен во делот на водењето на евиденциите каде што се уочени пропусти во дневната евиденција  на поминати километри, односно не биле внесени дел од налозите за користење на возилата. За констатираниот пропуст, во однос на неажурното водење на евиденциите за користење на службени моторни возила од страна на СВКПС на помошник на командирот на МЕ за БСА-Петровец му беше укажано  за потребата од правилно и навремено водење на наведените евиденции. Исто така алкотестирани беа шест полициски службеници при што кај истите не е констатирано присуство на алкохол.

И во рамки на контролата на организациони единици при Секторите за внатрешни работи беа извршени 13 проверки во 16 организациски единици. Контроли се спроведни во, единаесет Полициски станици од општа надлежност и пет Полициски станици и полициски одделенија за безбедност на патниот сообраќај: во Секторите за внатрешни работи: СВР Скопје (ПС од ОН Ѓорче Петров, ПС од ОН Карпош, ПС од ОН Бит Пазар и ОБПС Скопје), во СВР Битола ( ПС од ОН Битола), СВР Тетово (ПС од ОН Тетово и ПС од ОН Гостивар), СВР Охрид (ПС од ОН Дебар и ПО за БПС Дебар), СВР Струмица(ПС од ОН Струмица и ПС за БПС Струмица), СВР Штип (ПС за БПС Штип, ПС од ОН Кочани и ПО за БПС Кочани), како и во СВР Велес (ПС од ОН Кавадарци и ПС од ОН Велес).

Контролите се однесуваа на: почитување на работното време, согласно дневниот распоред за работа; на почитување на Наредбата за користење на службени моторни возила; на контрола и увид во извршување на поставените задачи на полициските службеници на терен, согласно Наредбата за вршење на служба; контрола и увид на работните и оперативните евиденции и постапка со повикани, приведени и задржани лица; почитување на член 128 став 3 од Законот за внатрешни работи; како и околу утврдување на алкохолизираност на полициските службеници.

Во рамки на контролите, извршено е алкотестирање на вкупно 186 полициски службеници при што кај еден полициски службеник од ПС од ОН Карпош  е утврдено присуство од 1 промил алкохол, при што од страна на СВКПС изречена е задолжителна мерка, непосредниот раководител до надлежната Комисија за утврдување на дисциплинска одговорност, против истиот да поднесе предлог за покренување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

За време на контролите во ПС од ОН Карпош извршен е увид во просториите за задржување, каде е констатирано дека постојат оштетувања на вратите од просториите за задржување и дека системот за видео надзор во овие простории не е во функција.         При извршениот увид во оперативните и работните евиденции е утврдено дека во ПС од ОН  Кавадарци при СВР Велес  евиденциите за дневни настани во врска со вршење на полициски работи и евиденциите за примени поплаки од граѓани, не се водат уредно, односно повеќе рубрики  во истите не се потполнети.

Во врска со констатираното неажурно водење на евиденциите, непосредниот раководител на СВР Велес беше задолжен на помошник командирот на ПС од ОН Кавадарци писмено да му укаже да постапува согласно Правилникот за содржината и начинот на водење на евиденциите на Полицијата и формата и содржината на образецот на евиденциите на Полицијата, како и обврската на командирот на ПС од ОН Кавадарци да одржи работен состанок со сменоводителите, дежурните полицајци и администраторот за да ги запознае со костатираните пропусти, со цел да го подобрат нивното работење. Инаку при контролите не се евидентирани други неправилности согласно контролираните прописи и правила.

фото: novamakedonija.com.mk