Своеволно во име на здружението Тунев си се ставил на советничка листа на СДСМ

Јордан Тунев, претседател на „Македонски Егеј“ стана дел од советничката листа на СДСМ во Штип, а притоа се номинирал како претставник на здружението што предизвика реакција.

„За жал, непријатно сме изненадени од веста, дека претседателот на Здружението Македонски Егеј од Штип Јордан Тунев е на листата на Социјалдемократскиот сојуз под реден број 16 како кандидат од Здружението Македонски Егеј. Таква одлука Собранието на Здружението никогаш не донело, и никој не му дал право на Јордан Тунев да го злоупотребува името на Здружението на партиската листа на Социјалдемократскиот сојуз во Штип ! Право е на секој член на Здружението Македонски Егеј да членува во било која политичка партија и да учествува во изборната кампања.Но, учеството на Јордан Тунев на партиската споветничка листа на СДСМ за престојните локални избори, со името на Здружението, го сметаме за грубо кршење на Статутот на Здружението. Поради тоа бараме итно и безусловно да си поднесе оставка, а Собранието итно и безусловно да го разреши од функцијата претседател на Здружението, поради злоупотреба на службената должност и овластување“, велат од „Македонски Егеј“.

За намерите на Тунев никој не знаел, но она што дало прв сигнал е неговото неприсуство на одбележувањето на 8-ми Септември во Штип. Имено, со години наназад, пред споменикот на прогонетите Македонци од Егејска Македонија во населба „Балканска“ токму „Македонски Егеј“ го организираше чествувањето. Оваа година, не беше така, па Општина Штип се јави во функција на организатор Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Штип се обединети во Здружението Македонски Егеј и сметаат дека со овој чин, тој сака да го подели гласачкото тело но и да му нанесе штета на истотo:

„Не’ има повеќе, членови сме на различни политички партии, но секогаш не’ обединува грижата за унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и решението за државјанствата, имотните, наследните и граѓанските права на насилно прогонетите Македонци во Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година и во татковината и во светот“, додаваат од Здружението.

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ велат дека советничката листа на СДСМ е полна со имиња кои зад себе влечат тешки скандали, и најавија дека наскоро ќе обелоденат уште неколку случаи вклучително и нови информации за Тунев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.