СЗДМ: Нови терапии за дијабетичарите, редовна дистрибуција на инсулин и регистар

Разгледување на можностите и условите за имплементација на нови иновативни инсулински и таблетарни терапии за дијабетичарите, отстранување на проблемот во сервисот на дистрибуција на инсулинската терапија до инсулинските аптеки и детален регистар на лица со дијабетес и транспарентен пристап до него, бараат од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) кои денеска ја презентираа нивната програма за годинава.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров изјави дека новите иновативни инсулини се со подолготрајно дејство, значат олеснување за дијабетичарите односно има помал број боцкања и овозможуваат стабилно ниво на шеќер во крвта.

Посочи дека имплементирањето нови иновативни лекови можеби ќе биде протолкувано како зголемување на трошоците во буџетот, но, појасни, ако подетално се навлезе во проблемот на долг план користење на веќе подстарени терапии создава несакани компликации од дијабетесот кои долгорочно гледано ја оптоваруваат државната каса. Тие компликации, истакна, повторно треба пациентите да ги решаваат со интервенции кои би биле дополнителни трошоци за државата и Министерството за здравство.

– Воведувањето нови иновативни терапии – инсулински и таблетарни сметам дека ќе им овозможи многу подобра регулација на нивото на шеќер во крвта на сите лица со дијабетес, рече Киров.

Оваа година, нагласи, Сојузот ќе посвети особено внимание на следењето на состојбите со дистрибуцијата на инсулинот до инсулинските аптеки, проблем кој беше присутен во изминатиот период во државата. Потенцира дека во соработка со Министерството за здравство, ФЗОМ и сите останати институции кои се засегнати, ќе се обидат да изнајдат начин овие недостатоци во сервисирањето до инсулинските аптеки да бидат отстранети.

Според него, инсулинот за дијабетичарите е од животно значење и недопустливо е тоа да се случува и натаму.

– Ќе посветиме внимание на транспарентноста до достапноста до регистарот на лицата дијабетес. Тоа е информација од јавен карактер. Според законот за достапност на информации од јавен карактер таа информација е битна за нас како Сојуз, бидејќи на тој начин ќе знаеме колку луѓе застапуваме, ќе знаеме како да ги спроведуваме планот и програмата за годинава и ќе можеме нашите барања кон Министерството за здравство да ги насочуваме, додаде Киров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Србија и Хрватска се имплементирани најновите иновативни терапии за дијабетичарите.

– Заостануваме во поглед на околните балкански држави. Се надевам дека со Министерството за здравство ќе најдеме некој заеднички јазик и ќе успееме постепено да ги имплементираме и најновите инсулински и таблетарни терапии, додаде Киров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.