СЗО објави план за сузбивање на вирусот ЗИКА

Светската здравствена организација (СЗО) го објави денес план за сузбивање на вирусот ЗИКА. Станува збор за план вреден 56 милиони долари, што опфаќа зајакнување на надзорот на неговото ширење, контрола над комарците и брзи истражувања со цел изработка на вакцина и воспоставување дијагностика.

Самата СЗО ќе учествува со 25 милиони долари во фондовите потребни за борба против вирусот што го пренесуваат комарци, а што досега се прошири во 39 земји и е поврзан со вродени аномалии кај новороденчињата во Бразил, како што покажуваат истражувањата, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на Ројтерс.

Потребни се истражувања за да се процени присуството на вирусот ЗИКА во семената и другите телесни течности, вклучително и на течностите поврзани за бременоста, како и за потенцијалното пренесување на вирусот преку секс и од мајка на дете, се наведува во Рамката за стратешкиот договор и Планот за заеднички операции што денес беа објавени во Женева.