Тачер ја разгледувала можноста за повторна употреба на хемиски арсенал

Владата на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер ја разгледувала можноста повторно да го активира хемискиот арсенал, поради заканите кои доаѓале од Советскиот сојуз во ’80-те години од минатиот век, се наведува во неодамна објавените тајни документи.

Велика Британија ја отфрлила упоребата на хемиско и биолошко оружје во 1956 година и постепено почнала да ги уништува своите резерви, јави Танјуг.

Во некогаш тајните документи е забележана загриженоста на претставници на Министерството за одбрана затоа што Велика Британија нема адекватен одговор на евентуалниот хемиски напад на Советскиот сојуз, освен можноста единствено да возврати со нуклеарно оружје.

Во тоа време ресорното Министерство верувало дека Советскиот сојуз има повеќе од 300 тони нервни агенси, заедно со други видови хемиско оружје.

Британските документи откриваат дека Тачер сметала оти Владата била невнимателна со тоа што не развила кредибилен одговор на хемискиот напад од Советскиот сојуз.

Таа исто така верувала дека Американците треба да го модернизираат својот хемиски арсенал.

Тачер сепак заклучила дека не е време да се произведува хемиско оружје, но јавоста ја предупредила да биде свесна за големата нерамнотежа меѓу советските и западните способности.

Недостигот на капацитети во хемиското оружје е наречен „голема пукнатина“ во воените способности на НАТО во тајниот документ на тогашниот британски министер за одбрана Мајкл Хеселтин од 1984 година.

Тајните студии тврделе дека во случај на хемиски напад би дошло до масовни страдања, а властите верувале дека 33.350 лица би починале доколку Советскиот сојуз успешно изведе хемиски напад врз важното пристаниште и бродоградилиште Саутемптон.

Британскиот Национален архив ги објави овие тајни документи бидејќи според законските одредби истекол периодот на тајност од 30 години.