Тачи – Ахмети: Насилството и инцидентите не се во ничиј интерес

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска во Приштина се сретна со заменик премиерот на Косово Хашим Тачи.
Нивна заедничка оценка, како што соопшти ДУИ,  е дека Македонија и Косово треба да ја унапредуваат соработката во взаемен интерес. Насилството и инцидентите, оценија, не се во интерес ниту на Македонија ниту на Косово.
– Состанокот помеѓу двете влади, што ќе се случи наскоро, ќе придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји и ќе отвори една нова перспектива, истакнал Тачи по средбата.
Со овој став се согласил и Ахмети кој истакнал дека соработката со Косово е во интерес на двете земји и додал дека секогаш го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија.
Тој и Ахмети разговарале и за политичката состојба во Македонија и инцидентот во Гошинце. – Стабилна и европска Македонија е во интерес на Косово и интеграцијата во ЕУ. Мирот во Македонија е во интерес и на Косово, бидејќи каков било инцидент не помага ниту на Косово ниту на Македонија, посочил Тачи.
Ахмети, пак, посочил дека Албанците во Македонија не сакаат нова криза, туку само спроведување на Охридскиот Договор и, како што рекол, сите да бидеме еднакви за доброто на сите.
Околу обвиненијата дека косовари го извршиле нападот кај Гошинце, лидерот на ДУИ посочил дека двете влади треба да седнат да дискутираат и да споделуваат информации во врска со овој настан.