Тачи: Масовната миграција е поради чудни гласини

Министерот за надворени работи на Косово, Хашим Тачи за конзервативниот германски весник Франфуртер алгемајне цајтунг (ФАЗ) говореше за миграцијата на граѓаните од неговата земја. На прашањето зошто Косовците масовно се селат, тој одговорил дека тоа е последица на „чудните гласини“ дека Германија великодушно нуди работни дозволи и дозволи за престој, пренесува Б92.

-Тоа е апсурдно, но доведе до тоа, се повеќе луѓе илегално да патуваат во Германија. Дури и некои медиуми во јануари објавија приказни за луѓето кои во Германија наводно добиле стан и работна дозвола. Некои, озбилни коментатори тврдат дека државите во западна Европа поради негативните состојби со наталитетот ги повикуваат Косовците да се доселат. Тоа не е точно, но тоа беше доволна причина за луѓето да тргнат, изјави Тачи.

Инаку, Косовците во последните неколку месеци масовно ја напуштаат земјата и се упатуваат кон земјите во Западна Европа. Во последното деноноќие бил спречен обид на петмина Косовци илегално да влезат во земјите од ЕУ.

фото:Beta