Тачи: Моето одење во Белград е израз на добра волја и мир

Шефот на косовската дипломатија Хашим Тачи изјави дека неговата намера да отпатува во Белград за да учествува на конференција на евроинтеграцијата на балканските земји, претставува „израз на добра волја за мир, соработка и помирување меѓу Косово и Србија“, пренесува МИА.

Во интервју за порталот gazetaexpress.com, Тачи нагласи дека помирувањето меѓу Приштина и Белград е во интерес на целиот регион.

Осврнувајќи се на изјавите од Белград дека доколку допатува во српскиот главен град може да биде уапсен, Тачи нагласи дека обвинувањата против него за тероризам потекнуваат од крајот на 90-те години на минатиот век, време кое е „црн период како за Србија, така и за регионот“.

– Сега во Белград има нови лидери и она што го гледам на средбите во Брисел е надеж и волја за европска интеграција. Мојата желба и порака за лидерите во Србија е да работиме заедно за изградба на мирен регион на соработка и добрососедски односи за сигурна евроатланска иднина, вели Тачи во интевјуто.

Организаторот на конференцијата „Европските интеграции на западниот Блакан: Заедно можеме подобро“ што ќе се одржи во Белград од 23 до 25 април, невладината организација Младински одбор за образование, вчера соопшти дека Тачи го потврдил учеството на собирот.

Претходно, советник на Тачи, Ардијан Арифај изјави дека косовскиот министер за надворешни работи се надева дека ќе отпатува во Белград. – Тачи доби покана и е подготвен да замине. Сега од властите во Белград зависи дали ќе отиде или не, рече Арифај.

Меѓутоа, српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ изјави дека потерницата издадена по Хашим Тачи е се уште во сила во Србија, па од тие причини тој може да биде уапсен доколку дојде во земјата.

– Истрагата против Тачи е во прекин бидејќи е недостапен за српските истражни органи. Централата на Интерпол го стопираше важењето на потерницата по Тачи во другите земји со образложение дека станува збор за највисок албански функционер. Меѓутоа, во Србија таа е во сила, така што ако дојде овде ние можеме да го уапсиме, изјави Вукчевиќ за весникот „Блиц“.

Со слична изјава се огласи и српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој рече дека ако Тачи дојде во Белград ќе биде уапсен.

Во врска со најавите дека шефот на косовската дипломатија ќе допатува на конференцијата за евроинтеграции, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Тачи „нема потреба да доаѓа“ во Белград.

– Тој собир не го организира Владата на Србија. Јас не ни планирав да учествувам на собирот, така што не верувам дека е потребно Хашим Тачи да доаѓа во Белград, изјави Дачиќ.