Тачи најверојатно ќе биде нов министер за надворешни работи на Косово

Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) Хашим Тачи во новата косовска влада ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи, објавија приштинските медиуми, повикувајќи се на официјалниот предлог-договор за владејачка коалиција меѓу ПДК и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа, кој треба да биде потпишан денеска.

Според договорот на двете партии, техничкиот дијалог меѓу Белград и Приштина треба да го води министер без ресор или државен министер, а политичкиот дел од дијалогот ќе го води премиерот.

Телевизијата Клан Косово и останатите медиуми во Приштина потсетуваат на претходните наводи дека Мустафа ќе биде идниот премиер, а пренесуваат дека претседател на косовското Собрание ќе биде Кадри Весели. Наводно ќе биде формирано и ново министерство, кое ќе се вика Државно министерство и ќе биде одговорно за дијалогот меѓу Белград и Приштина, а ќе го предводи Енвер Хоџај.

Како што пренесува Топ-ченел од Албанија, повикувајќи се на официјалниот предлог-договор меѓу Тачи и Мустафа, ЛДК ќе има еден вицепремиер, седум министри и еден министер без ресор. Партијата на Мустафа наводно ќе го предводи Министерството за внатрешни работи, Безбедносните сили на Косово, финансиите, културата и спортот, дијаспората, просторното планирање и Министерството за правда.

ПДК ќе ги добие министерствата за надворешни работи, за европски интеграции, за образование, за здравство, за економски развој, за трговија и индустрија, за инфраструктура, за социјална работа и за земјоделство.

Неалбанските заедници ќе ги предводат Министерството за заедници и враќање, Министерството за локална самоуправа и Министетството за јавни служби, наведуваат медиумите.

Новиот владин кабинет ќе има повеќе заменици министри. Во секое министертво ќе има по еден заменик министер од редовите на ПДК и ЛДК. Во некои министерства ќе има и по три заменици, каде третиот ќе биде од редовите на неалбанските заедници, објавуваат приштинските медиуми.