Тачи: Србија де факто го призна Косово

Косовскиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Хашим Тачи изјави дека Србија де факто го признала Косово.

– Косово де факто е признато од Србија. Тоа де факто се случува на сите нивоа. Институциите на Косово ја контролираат целата држава и ние де јуре немаме присуство на Србија на Косово. Србите од северот се дел од Владата и Парламентот. Освен тоа Косово е признато од 108 држави во светот, интегрирано е во регионалните и меѓународните организации и секој ден кој минува ја зајакнува независноста на Косово, истакна Тачи во интервју за весникот „Пресе“.

Тачи нагласи дека за време на средбата со премерот на Србија Александар Вучиќ во Њујорк, без меѓународен посредник, добил впечаток дека кај него постои добра волја за продолжување на дијалогот, јави Б92.

– Бриселската спогодба се остварува иако Србија има дилеми. Меѓутоа денот на взаемно признавање наскоро ќе дојде. Тоа ќе се случи за време на процесот на приближување кон ЕУ. Српските лидери се свесни за независноста на Косово, изјави Тачи одговарајќи на прашање за можноста меѓусебното признавање да биде услов за влез во Унијата.

Тачи изјави дека неговата евентуална посета на Србија ќе зависи од волјата на српската Влада, кога таа ќе го покани да го посети Белград.

– Јас го повикав премиерот и министерот за надворешни работи на Србија да го посетат Косово, истакна тој и додаде дека постои добра волја посетата да се реализира.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.