Тачи: Ако не постигнеме договор со Србија ќе бидеме како Палестина

Косовскиот претседател, Хашим Тачи денеска уште еднаш ги повика сите албански политички партии и претставници на граѓанското општество да се вклучат во дијалогот со Белград за да се постигне консензус за завршување на овој процес, бидејќи, како што рече, „ако тоа не се случи Косово би можело да стане друга Палестина“.

На вонредната прес-конференција, Тачи, на кого опозицијата му го оспорува легитимитетот да учествува во дијалогот во име на Приштина, рече дека тоа е „тешка фаза“ од процесот и дека Приштина не треба да дозволи да „стане Палестина“.

Тачи изјави дека како претседател на Косово сега е подготвен да одговори на пратениците и граѓаните во однос на последната фаза од дијалогот, кој ќе биде сериозен и тежок, но за секој договор конечната потврда ќе ја даде парламентот.

Непогрешлив пат на Косово е кон Европската Унија, НАТО и меѓународните институции. Дијалогот би требало да заврши со реципрочно признавање, инаку, дијалогот ќе биде залуден, рече Тачи.

Тој потврди дека Приштина ја има поддршката на САД и нејзините сојузници овој дијалог да се финализира со правно обврзувачки договор со Белград.

Ако светот не го сака Косово и ако не се искористи оваа можност за да се постигне конечен договор, Косово би можело да остане како Палестина, рече Тачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.