Тачи и Рама го критикуваат Иванов за ветото на законот за јазици

Во интервју за Дојче веле, косовскиот претседател Хашим Тачи ја критикува одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише законот за јазиците и порачува дека „таа одлука не може да се запре“, додека албанскиот премиер Еди Рама порача дека „ќе продолжам да ги брани“ Албанците во Македонија“.

Косовскиот претседател Хашим Тачи смета дека одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише законот за јазиците е „производ на надминат менталитет“. Тачи го критикува македонскиот колега, кој се изјасни дека законот за јазиците, така како што беше усвоен, содржи многу пропусти и неправилности. Иванов деновиве на 14 страници образложи што смета дека е во спротивност со Уставот и со Рамковниот договор во донесениот закон.

Тачи вели дека „високо го цени гласањето за официјализирање на албанскиот јазик“ во парламентот. Но одлуката на Иванов ја смета за „жална“.

„Што се однесува до одлуката на претседателот Иванов, тоа е за жалење. Таа одлука е производ на надминат менталитет, но и тоа прашање ќе биде затворено еднаш и засекогаш, без оглед на неговото мислење“, вели Тачи во интервјуто за ДВ.

Косовскиот претседател е убеден дека законот ќе биде донесен и тоа, според него, никој не може да го сопре.

„Дефинитивно, таа одлука помина и не може да се запре, без оглед на ставот на еден политичар, или носител на некоја функција“, вели Тачи.

Иванов смета дека законот за јазиците е дискриминаторски кон останатите етнички заедници во Македонија. Тој не се согласува со одредбите за двојазичност на поштенските марки, бандеролите и уплатниците, ниту со употребата на симболи од културното наследство на Албанците на книжните и кованите пари и на поштенските марки. Иванов нема забелешки на двојазичноста на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите во Скопје и општините во кои Албанците сочинуваат над 20 проценти од населението.

Истовремено албанскиот премиер Еди Рама за албанските медиуми изјави дека ќе продолжи да ги брани Aлбанците во Македонија, одговарајќи на забелешките од руската амбасада за изјавата дека неговата партија овозможила усвојување на Законот за употреба на јазиците во Македонија, вели дека тој се гордее кога го обвинуваат за заштита на Албанците.

„Ние немаме скриени агенди. Нашите агенди се јавни и кога има високи температури со соседите, спроведуваме нова надворешна политика која има дигнитет, и тоа без разлика дали сме мала земја или не, бидејќи на маса сме рамноправи“, изјави Рама.

Во врска со одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да го потпише указот за Законот за употреба на јазиците, Рама вели дека не е изненаден.

„Би бил изнанаден ако тој го потпишеше Законот. Но, тоа не го запира Законот да биде закон“, истакнува Рама.

Медиумите во Тирана оценуваат дека ова е одговор на албанскиот премиер во врска со острите критики од Русија за изјавата на Рама дека неговата Социјалистичка партија и владата го изнудија усвојувањето на Законот за јазиците во Македонија.