ВИДЕО: Тачи избран за претседател на Косово – во Приштина демонстрации

Со 70 гласови „за“ вечерва Собранието на Косово за нов претседел на државата го избра Хашим Тачи, досегашен вицепремиер и шеф на дипломатијата. На оваа функција тој ќе остане до 2021 година.

Пред косовскиот парламент во Приштина избија судири меѓу опозициските поддржувачи и полицијата. Полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на стотиците поддржувачи на опозицијата кои кампуваат на главниот плоштад во Приштина барајќи оставка на владата и предвремени избори. Полицијата интервенираше откако кон собранието беа фрлени молотови коктели.

Косовската полиција соопшти дека за време на насилните демонстрации синоќа во Приштина е повреден 21 полицаец и еден новинар, јави Танјуг.

Од безбедносни причини, отстранети се шаторите од централниот плоштад во Приштина, во кои претходните три дена кампираа приврзаници на опозицијата.

Соопштено е исто така, дека се уапсени пет демонстранти.

Полицијата на својот сајт наведува дека демонстрантите кои биле со фантомки на глава нередите ги започнале нешто пред 17 часот кога со молотови коктели, шишиња со боја и камења почнале да фрлаат во правец на собранието, каде биле распоредени припадници на косовската полиција.

Косовската полиција наведува на својот официјален сајт дека на три локации во Приштина, вклучувајќи и шатори во кои кампирале демонстрантите, пронашла 39 шишиња со молотови коктели и 38 шишиња со боја.

Според проценка на полицијата, на почетокот на протестите, организирани во петокот во Приштина, биле присутни околу 2.500 демонстранти, за подоцна нивниотброј да се намали.

Хашим Тачи е петтиот шеф на косовската држава и четврти кој бил избран во третиот круг од гласањето. Првите тројца претседатели, Ибрахим Ругова,Фатмир Сејдиу и Беџет Пацоли беа избрани во третиот круг. Единствено Атифете Јахјага беше избрана уште во првиот круг. Сепак сите петмина претседатели, па дури и Ругова, кој ги имаше најголемите симпатии меѓу народот, на фунцијата дојдоа по претходни договори.

На третиот круг од гласањето присуствуваше евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој заедно со другите странски дипломати излезе од Собранието поради солзавецот што го фрлаа опозицските пртеници.