Балкан

Тачи: Лудост е ЕУ да ги држи Косовците изолирани

Тачи: Лудост е ЕУ да ги држи Косовците изолирани
Тачи ќе положи заклетва како претседател на Косово

Косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи денеска изрази длабоко разочарување поради доцнењето на визната либерализација за државјаните на Косово, предупредувајќи дека таквиот пристап на ЕУ поттикнува екстремизам и го загрозува дијалогот со Белград.

Тачи, по повод денеска објавениот пакет заклучоци на Советот на ЕУ за проширувањето, каде се оценува дека Косово не ги исполнило условите за визна либерализација, рече дека тоа го смета за „тешка провокација и резултат на неспособноста и недостигот на политичка воља и лидерство во Брисел“, пренесува Танјуг.

Тој, на својот Фејсбук профил, предупреди дека ваквиот пристап на ЕУ ги загрозува сите важни процеси, вклучувајќи го и дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, примената на досега постигнатите договори, како и постигнувањето нови, јави Анадолија.

– За мене е лудост ЕУ да ги држи Косовците изолирани. Ова апсурдно и намерно доцнење не само што поттикнува екстремизам во земјата, туку ја зголемува и фрустрацијата на граѓаните на Косово, напиша Тачи.