Балкан

Косово очекува поддршка од САД и НАТО за формирање војска Тачи очекува формирање на косовската војска до крајот на годината

Тачи очекува формирање на косовската војска до крајот на годината

Косовскиот претседател Хашим Тачи порача дека Косово до крајот на годината ќе формира своја војска, објавија во саботата белградските медиуми повикувајќи се на Радио-телевизија Косово (RTK).

За формирањето на косовската војска претседателот Хашим Тачи очекува силна поддршка и соработка од САД и од НАТО, вклучително и промена на Уставот на Косово како неопходен предуслов.

„Војската ќе биде воспоставена оваа година во соработка со НАТО и САД, а кабинетот на претседателот (на Косово) ќе го води овој процес во соработка со новиот министер. Ќе изградиме модерни, мултинационални, професионални и сигурни изгледи за членство во НАТО“, изјавил Тачи во интервјуто за RTK.

Уставот на Косово предвидува за формирање на косовската војска, освен мнозинските гласови, дека е неопходна двотретинска поддршка од малцинските пратеници во Собранието на Косово, што досега беше една од главните пречки за основање на косовската војска, покрај противењето на Вашингтон и Брисел кои сметаат дека тоа е избрзан чекор.

Дел од малцинските пратеници го прави и Српската листа, којашто со своите гласови застана зад новоизбраниот премиер Рамуш Харадинај, а нејзиното влегување во косовската влада го поддржа и официјален Белград и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Дефинитивно очекувам дека војската ќе биде формирана до крајот на оваа година. Имаме можност за уставни промени и силна поддршка тоа да се случи“, изјавил Тачи./

Според властите во Белград, токму една од целите на пратениците на косовските Срби ќе биде да го спречат досега повеќепати најавување на формирањето на косовската војска.