Тачи очекува „историски договор“ со Белград

Косовскиот претседател Хашим Тачи тврдеше по враќањето од Брисел дека дијалогот меѓу Белград и Приштина наскоро ќе биде завршен „со историски договор на двете страни“, а оваа негова изјава не беше дочекана со одобрување на политичката сцена во Косово, бидејќи противниците му го оспоруваат правото да зборува во нивно име, пишуваат во средата белградските електронски медиуми.

По состанокот во понеделникот во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ и шефицата на дипломатијата на Европската унија, Федерика Могерини, косовскиот претседател Хашим Тачи во интервјуто за ABC News ги повика сите политички фактори на Косово да му се придружат на процесот на преговарање, оценувајќи дека е дојдено времето „повторно да се отвори нова фаза од дијалогот, на повисоко политичко ниво“.

Приштинските медиуми пренесоа дека Тачи се заложил за посилен дијалог кој би водел кон „комплетно нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград и луѓето на тие простори“ како и кон „добрососедски односи и помирување меѓу луѓето“.

Тачи смета дека на Косово му е потребна „стабилна мултиетничка влада со евроатлантски дух“ и га гледа волјата на победничката коалиција што поскоро да ги воспостави новите институции на Косово.

Реагирајќи на пораките на Тачи, еден од основачите на иницијативата Алтернатива, Илир Деда изјави дека дијалогот за нормализација на односите со Белград го гледа како „национално прашање“ кое бара поширок консензус на политичките партии, пренесуваа белградските медиуми.

Деда преку социјалните мрежи му порача на Тачи дека разговорот со Белград би морал да добие одобрување од политичките партии „пред да се договори за што и да е во рамките на дијалогот, на кој посредува ЕУ“.

„Косовскиот државен интерес би требало да се гради само низ поширок консензус на политичките партии. Не може да го гради ниеден институционален лидер поединечно“, истакнува Деда

По состанокот на Тачи во Брисел со посредство на Могерини, поедини политички фактори во Приштина му го оспорија легитимитетот, тврдејќи дека форматот на преговори на претседателско ниво „го наметнал Вучиќ“.

Српскиот претседател по трилатералните разговори во Брисел изјави дека на Могерини ѝ го пренел ставот на Белград дека на Србија треба да ѝ се забрза постапката за евроинтеграциите и точно да се утврди датумот за влегување на Србија во ЕУ.

„Мислам дека добивме разбирање од Могерини, точно да знаеме кога можеме да станеме членка, да не бидеме како гуски во магла, кои сигурно ќе го најдат вистинскиот пат но не знаат кога завршува“, рече Вучиќ.

Нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е еден од предусловите за Србија во европските интеграции, а тој напредок се набљудува низ поглавјето 35 за „останатите прашања“, кое за Србија е отворено на почетокот од преговарачкиот процес и ќе биде затворено дури на крајот од преговарачкиот процес.