Тачи: Убеден сум дека Груевски и Ахмети имаат договор за влада

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Никола Груевски и Али Ахмети имаат договор за влада, изјави првиот човек на ДПА Мендух Тачи по средбата со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во рамки на разговорите со политичките лидери на партиите застапени во Парламентот.

– Ги знам играчите од искуство, можеби ќе погрешам, но убеден сум дека Груевски и Ахмети имаат договор за влада, само не малтретираат. Би било коректно да ни кажат каков е тој договор, рече Тачи.

Тој истакна дека дошол на средбата за да се види со Хан кој две години и помагал на земјата за да се избегне оваа криза, а втората причина е дека на Албанците им недостига опозиционер како што е тој и ДПА, со оглед дека другите, како што рече, станале членови на некакви влади.

Прашан за евентуално одржување нови предвремени избори, лидерот на ДПА истакна дека тие никогаш нема да бидат дел од влада во која е и ДУИ. Тоа е рече и причината поради која не учествувале на средбите во Тирана и Приштина.

Тачи на новинарско прашање одговори дека досега неформално имал средби со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, но и со други партии освен со ДУИ.

Во однос на вонредниот конгрес на партијата информираше дека в сабота ќе се состане Централното собрание на партијата кое статутарно има право да расправа и да одлучува за вонреден конгрес.

Во рамки на разговорите со лидерите на партиите со освоени мандати во Парламентот, кои се одржуваат во македонското Собрание, Хан ги почна разговорите со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.