Тадиќ ги нарушил демократските правила откако ја напуштил партијата

Поранешниот министер за одбрана на Србија и член на изборниот штаб на Демократската партија, драган Шутановац, изјавил дека жали што почесниот претседател Борис Тадиќ ја напуштил партијата.

Поранешниот министер истакнал дека со ваквата одлука на Тадиќ, тој ги прекршил демократските процедури, пишува денеска српскиот весник „Блиц“.

„Демократијата е волја на мнозинството и кога тоа мнозинство ќе донесе решение, истото треба да се почитува“, изјавил Шутановац.

Тадиќ, поранешен претседател на Србија и почесен претседател на Демократската странка (ДС), вчера објави дека ја напушта партијата што ја водеше од февруари 2004 до ноември 2012 година.

Ваквата одлука ја донел поради несогласување со правецот што демократите го имаат под новото раководство.

„Одлуката ја донесов токму поради тоа во политичкиот блок на ДС се враќаат луѓе кои и’ го донесоа епитетот коруптирана партија и партија на афери. Одлуката не е против членовите на ДС, туку поради нив и ним им порачувам дека на Србија и’ е потребна нова демократска партија“, изјавил Тадиќ.