Тајани порача: Важно е за Европа да ја има Македонија во ЕУ и НАТО

Антонио Тајани, прв потпретседател на Европскиот парламент и потпретседател на Европската народна партија (ЕПП) попладнево присуствуваше на трибина што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ, а која беше посветена на економијата, инфраструктурата и претприемништвото.

Тој рече дека е важно за Европа да ја има Македонија во ЕУ, да ја има Македонија во НАТО и важна е вклученоста против илегалната имиграција и генерално против имиграцијата.  За да се постигнат целите, рече тој, потребна е стабилност во Европа и во Македонија.

Поради тоа, сметам дека е важно да се гласа во вашата земја, да се изгласа влада која ќе донесе стабилност и демократија. Демоктратијата е најважната точка. Ако сакате да бидете земја-членка на ЕУ, тогаш треба да се зацврсти демократијата. Гласањето е демократија. Важно е да се натпреваруваат централнодесничарските и централнолевичарските партии. Знам дека е возможно да се постигнат либерални избори, важно е и возможно да се гласа и затоа сметам дека на изборите кои ќе се одржат пред летото треба да се гласа и сметам дека е тоа добро за вашата земја и за Европа, рече Тајани.

На економско ниво Македонија е на вистинскиот пат

Потпретседателот на ЕП и на ЕПП рече дека има позитивен став за напредокот што го постигнала РМ за да го исполни копенхашкиот договор.

На економско ниво Македонија е на вистинскиот пат, макроекономските трендови се позитивни, растот на БДП е стабилен и порасна по жител во изминатите години, а позитивната макроекономска околина е поддржана со сеопфатна монетарна политика и добри услови за влезови на пазарите. Сметам дека ситуацијата денес е многу подобра во споредба со претходните години. Оваа стабилност и овозможува на земјата да има добра економија, невработенста опадна во изминатите години, но се уште е многу висока и достигнува 28 проценти. За жал, тоа е така, но Македонија работи на намалување на невработеноста и на вработилвоста на младите луѓе, додаде Тајани.

Тој изрази надеж дека политичката криза ќе заврши набрзо и дека изборите ќе покажат дека земјата е заснована на владеење на правото со добар политички систем.

Вашата земја има потреба од Европската унија за да го потврди нејзиното геополитичко ниво, а ЕУ исто така има  потреба од вашата земја. Во годините што доаѓаат треба да работиме заедно за да се соочиме со два главни предизвици: прво – бегалската и мигрантска криза и европска солидарност која и е многу потребна на Европа, и втор предизвик – економскиот развој на вашата земја и на Западниот Балкан, кој е клучен за да обезбеди политичка и социјална стабилност, рече Тајани.

На трибината посветана на економијата тој посочи дека беа индустрија и мали и средни претпријатија е невозможно да се победи кризата.

Иднината на нашите земји и на нашата младина е токму индустријата, тоа се малите и средните претпријатија. Затоа е важно да се зацврсти реалната економија, да се работи со другите европски земји, зашто сметам дека е важно во вашата земја да има европски компании. Но ако сакате повеѓе европски компании овде, потребна е стабилност. Затоа потенцирам дека е важно да се гласа во вашата земја, да се гласа веднаш, затоа што е важно да се подготви патот за иднината, да се подготви патот за новите работни места. Ако скате повеќе инвестиции, потребно е да се има стабилност во вашата земја, зашто за странските инвеститори стабилноста е најважната точка. Без стабилност е невозможно да се инвестира. За нас важно е да имате добри решенија против тероризмот и против имиграцијата, рече Тајани.