Тајеб повика на убивање на терористите на ИСИС

Водачот на советот на сунитските муслимани во Египет, Ахмед ел Тајеб изјави дека е запрепастен од убиството на јорданскиот пилот, кој што жив го запалија припадниците на ИСИС, и упати повик за убивање на припадниците на оваа милитантна организација.

Големиот шеик на џамијата Ел Азхар во Кајро, Тајеб изјави дека припадниците на Исламската држава (ИСИС) заслужуваат такви казнени прописи затоа што тие се борат против Алах и пророкот Муахмед, јавуваат светските медиуми.

Во соопштението кое тој го објави доцна синоќа се наведува дека со палењето на јорданскиот пилот милитантите на ИСИС ја прекршија исламската забрана за осакатување на тела, па дури и во војна.

Припадниците на ИСИС вчера на социјалните мрежи објавија видео-снимка на која е прикажано застрашувачкото погубување на јорданскиот пилот, кој што го заробиле во декември минатата година.

Јорданските власти потврдија дека исламските милитанти го погубија заробениот пилот, а државната телевизија пренесува дека пилотот всушност е убиен уште пред месец дена на 3 јануари, иако ИСИС на објавеното видео на ЈуТјуб тврди дека тоа го направиле вчера.