Тајната на нивната витка линија: Десет правила во исхраната на Италијанките

Дали е можно да бидете витки во земјата на пица, тестенини и сладолед? Доволно е да ви ги спомнеме Моника Белучи, Софија Лорен, Џовани Батаглиу, Елеонора Кариси па да сфатите дека тоа е секако можно. Сепак, Италија е земја на јаглени хидрати, но никогаш немала проблем со големиот број лица кои имаат прекумерна тежина. Како е тоа можно?

„Се што гледате на мене им должам на шпагетите“ – Софија Лорен

Доколку малку подетално ги анализираме Италијанците, можеме само да констатираме дека поголемиот број жители на Апенините водат здрав и балансиран живот. Ако ви се потребни бројки: само 9 отсто од популацијата има проблем со прекумерната тежина, наспроти 32 отсто Американци! Ова звучи како научна фантастика, посебно ако се знае дека стандардната исхрана на Италијанците се заснова на пица и тестенини.

Италијанско правило 1: Трикот е во балансот и малите порции

За разлика од Американците кои практикуваат големи порции, во Италија се јаде почесто, ама по малку. Секако зборуваме во просек, затоа што дома, а посебно кога главен готвач е бабата која владее со сите можни вкусни рецепти тешко дека ќе поминете само со една порција шпагети. Исто така, Италијанците не водат сметка за калориите, туку престануваат да јадат кога се „полни“ и кога имаат простор само за едно кафе. Треба да се напомене дека во нивната храна секогаш има совршен баланс на се’:  Колку масти, колку јаглени хидрати, скроб, многу риба и пилешко, а особено водат сметка за консумирањето на црвеното месо. Ретко и во посебни околности.

Италијанско правило 2: Користат само еден вид масло – маслиново

Маслиновото масло со причина се смета за златна течност па затоа е составен дел или основна состојка на сите италијански јадења. Италијанците го користат како главно масло за салата, правење сос, пржење и просто е невозможно да се замисли италијанската кујна без него. Општо познато е дека маслиновото масло е богато со монозаситени киселини за кои се смета дека се добри масти.

Италијанско правило 3: Консумираат што е можно повеќе свежа храна

Тоа посебно се однесува на југот на Италија, егзотичната Сицилија, каде секое јадење е збогатено со риба, домати, зеленчук, артичоки, јајца, зачини и лимон. Тестенините се служат свежи со сосема малку маслиново масло, домашен сос од домати, оригано и секогаш се сервира во мали порции.

Италијанско правило 4: Постојано се во движење

Колку можете повеќе пешачете. Одете до омилениот пазар или само шетајте низ улиците на вашиот град, покрај река, во парк или центар. Во лето голем број Италијанци имаат обичај за викенд да одат на краток одмор до некое езеро, село. Затоа, во природа!

Италијанско правило 5: Помали порции за појадок

Појадокот во италијанските семејства не се прескокнува. Но за разлика од другите Европјани, Италијанците за појадок практикуваат кроасан или колач со кафе или млеко.

Италијанско правило 6: Ретко пијат газирани пијалоци

Многу ретко ќе видите дека некој Италијанец пие било каков газиран пијалок  за време на ручекот. Понекогаш пијат минерална вода, но најчесто преферираат вино.

Италијанско правило 7: Најголем грев е да консумирате нездрава храна

Италијаните многу ретко грицкаат или практикуваат да јадат нездрава храна. Генерално, во оваа земја речиси никој не јаде по вечерата. Ако се решат да јадат нешто помеѓу главните оброци, тогаш тоа најчесто е овошје.

Италијанско правило 8: Пицата не е за секој ден!

Италијаните не јадат пица секој ден, ниту пак ви препорачуваат тоа да го правите. Во Италија пицата е вид на храна која ја јадете ако излезете за викенд со пријателите. Исто така, Италијанците се најголеми љубители на пицата која е богата со разни видови сирење и зеленчук и која има многу малку калории, а богата со хранливи состојки и влакна.

Италијанско правило 9: Лесна вечера

Последниот оброк кај Италијанците е резервиран за нешто лесно (доколку не излегувате со пријателите). Типичната вечера вклучува супа, помали порции месло или тестенини, сервирани со мала порција сирење и зеленчук.

Италијанско правило 10: Не држат диети!

Италијаните не спаѓаат во онаа група нации што се склони на диети. Сакате да ослабите? Избегнувајте пржена храна и користете домашен сос и зеленчук како што се брокули, печурки и последен совет, но најважен: Јадете без грижа на совест!