Тајни зделки во Србија – Емиратите го вооружуваат блискиот исток со српско оружје

Србија ги крие деталите од договорот со Етихад како деловна тајна. За Белград на Вода, гласно најавуваната инвестиција од неколку милијари за изградба на огромен станбен и деловен комплекс во Белград, Павловиќ вели дека се работи за целосна бесмислица и дека во осиромашениот српски главен град не постои пазар за луксузни станови. Во заднината на сите овие зделки, според Донахју, стои контроверзниот Палестинец Мохамед Дахлан, објавува МИА.

Овој поранешен висок командант на организацијата Фатах во Газа е во бегство откако во 2007 година ја губи борбата со ривалската организација Хамас која успева да го прикаже како про-американски, па дури и про-израелски командант. Дахлан е во немилост и во другата палестинска област, Западниот Брег, каде дури беше обвинуван и дека го труел водачот Јасер Арафат. За Дахлан се смета дека сега е безбедносен советник на емиратскиот престолонаследник Мохамед бин Зајед, како и дека служи како негов финансиски оперативец, за разни сомнителни проекти низ Источна Европа.

Донахју тврди дека Дахлан има црногорско државјанство од 2012 година, кое го добил поради обезбедувањето на повеќе инвестиции во Црна Гора, за перење пари кои ги добил од арапските држави како висок палестински командант. Донахју вели дека зделките на Дахлан во Црна Гора се одвиваат преку компанијата Левант, за развој на недвижности, а наводно добил и заем вреден 13 милиони евра од компании поврзани со семејството Ѓукановиќ.

Според Донахју, Дахлан сега се обидува бизнисот да го прошири и во Србија, а и самиот Ѓукановиќ помогнал во тоа, советувајќи ги емиратските власти дека нивната успешна деловна соработка можат да ја пренесат и во Србија.

Во април минатата година, српскиот претседател Томислав Николиќ дури го одликуваше Дахлан со орден за развој на односите меѓу Србија и Обединетите Арапски Емирати. По приклонувањето на турската политика кон палестинската организација Хамас, Донахју опишува пренесување на блискоисточното ривалство и на Балканот, каде тврди дека инвестициите на Емиратите одат токму преку командант познат по својата борба против Хамас.