Тајните писма откриваат: Блер му ветил поддршка на Буш 8 месеци пред инвазијата на Ирак

Поранешниот британски премиер Тони Блер го уверувал американскиот претседател Џорџ Буш дека ќе ја поддржи промената на режимот во Ирак 8 месеци пред инвазијата на земјата. Ова го покажуваат писмата што ги објави комисијата за истрагата на улогата на Велика Британија во војната во Ирак.

Со извештајот на комисијата на Џон Чикото објавени се нови документи што откриваат една страна од односите меѓу Буш и Блер, затоа што се објавени само писмата на Блер до Буш, но не и одговорите на американскиот претседател.

Во документот на 6 страници што британскиот премиер му ги пратил на Буш на 28-ми јули 2002-та година, Блер вели дека би направил „било што“ за да се отстрани ирачкиот претседател Садам Хусеин од власт.

Соборувањето на Садам е исправна работа што треба да се направи, напиша Блер и додал дека важното прашање не е кога, туку како.

Во тоа време, Блер на британскиот парламент и на јавноста и говореше дека сеуште не е донесена никаква одлука за влегување во војна против Ирак.

Ќе бидам со вас во секој случај. Но ова е миг за отворено да ги процениме тешкотиите. Планирањето на ова и стратегијата се најтешки до сега. Ова не е Косово. Ова не е Авганистан. Не е дури ниту Заливската војна, му напишал Блер на Буш.

Предводниците на Лабуристичката партија го критикуваа Блер затоа што премногу ги поддржувал американските сојузници. Блер на Буш му дал важна политичка поддршка неколку месеци пред инвазијата што почна во март 2003-тата година а со одлуката да се испратат британски сил, дал значајни воена поддршка на операциите предводени од САД.

Блер во писмата, од кои многу се без датум, често говорел дека постои недостаток од политичка и јавна поддршка за инвазијата на Ирак.

Јавното мислење во САД е едноставно речено како на друга планета од јавното мислење овде во Европа или во арапскиот свет. Во Британија сега неможам да бидам сигурен во поддршката од Парламентот, партијата, јавноста или дури од некои во Кабинетот. Но ова е британија. Генерално во Европа, луѓето едноставно го немаат истото чувство на итност по 11-ти септември како луѓето во САД, напишал Блер во писмото од 28-ми јули 2002-та.

Блер се обидел да го убеди Буш дека најдобриот начин да добијат поддршка бил тој прашањето да го изнесат пред Советот за безбедност на ОН и на тој начин на Садам да му дадат рок за да им дозволи пристап на инспекторите за оружје на ОН без било какви услови.

Тој тука веројатно би згрешил и нема да го исполни рокот, а ако би прифатил по рокот, ние едноставно ќе одбиеме да направиме договор, рече Блер.

Британскиот премиер, сепак, по се изгледа бил уверен дека на крајот би ја добил поддршката од јавноста со истакнување на заканата што ја претставува Садам.

Ако ги сумираме сите докази за оружјето за масовно уништување, го додадеме неговите обиди да обезбеди нуклеарна способност и ако, како што изгледа дека е можно, ја додадеме и врската со Ал Каеда, тоа ќе биде мошне убедливо, напишал Блер.

Владата на Блер е обвинувана дека ги преувеличувала разузнавачките податоци за наводното оружје за масовно уништување што го поседувал Садам Хусеин за да добие поддршка за инвазијата врз Ирак. Таквото оружје не е најдено во Ирак.

Во друг документ Блер на Буш му поставил некои „воени прашања“ како што е тоа дали постои план како да се реагира ако Садам употреби оружје за масовно уништување против САД или против народот во Ирак, ако го нападне Израел, ако ги уништи изворите на нафта во Ирак или како да се раздвојат ривалските групи во Ирак.

Во рачно дополнетата листа, Блер прашува дали постои план за „избегнување цивилни жртви“.Исто така прашал и дали по инвазијата ќе биде воспоставена нова ираќка влада или САД ќе ја води земјата и каква ирачка влада сакаат на среден рок.

Во подоцнежните писма што беа објавени во извештајот на Чикото, Блер го предупредува Буш дека исламските екстремисти имаат кохерентна политичка стратегија поврзана со нивните воени цели, што им овозможува да го искористат антизападното расположение во исламскиот свет.

Лошата вест е дека и натаму постои високо ниво на погрешно сфаќање за нас и за нашите мотиви и фактот дека и ние го сакаме истото што и тие: слободен Ирак, напишал Блер.

Комисијата на Чикото во извештајот што беше објавен вчера по седум години работа, оцени дека В елика Британија влегла во војна во Ирак врз осонова на лоши разузнавачки податоци и со целосно несоодветно планирање, како и дека се приклучила кон инвазијата пред да бидат исцрпени можностите за мирни опции на разоружување.

Во војната во Ирак до 2009-тата година загинаа 179 британски војници, речиси 4.500 Американци и над 100.000 Ирачани.