Тајните служби на Ордановски Сашо

Се до последната колумна на уважениот г-дин Сашо Ордановски мислев дека ми е колега од светот на медиумите, но види богати тоа да ти бил разузнавачки експерт. Ценејќи го неговото новинарско искуство мислев дека ќе дознаам некоја нова информација од светот на политиката, но најмалку што очекував е да пишува анализи за состојбите во македонските безбедносни служби.

Имено тој самиот пишува за опсесијата на владеачката гарнитура од моќта на тајните служби, а фактички самиот тој покажува од една страна фасцинација, а од друга страна покажува елементарно непознавање. За да можеш да говориш за безбедносните разузнавачки служби има соодветна како научна така и публицистичка литература, а не кафеанско-чаршиски брифинг муабет.

Самиот се повикува на упатени кругови од македонската политичка чаршија, а граѓаните живо ги интересира кои се и какви се тие т.н упатени кругови. Се поставува основно прашање што се тие кругови: група на луѓе, поединци или пак политички партии?

Она што е сосема сигурно дека не се институции на системот односно се надвор од легалниот и правниот поредок на Република Македонија. Легални, напоменувам легални тајни служби согласно Уставот и законите се: Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК, значи не се вика ДБК) при Министерство за внатрешни работи , Агенција за разузнавање (АР) под Претседателот на Република Македонија и воена служба за безбедност и разузнавање (ВСБИР) при Министерство за Одбрана. Тоа значи со сигурност дека новинарскиот наш самопрогласен гуру не ги добил информациите од овие легални структури, туку според мои претпоставки станува збор за информации од безбедносно политички кругови чии разузнавачки капацитет завршил во доцните деведесетти години. Сакам да кажам дека тоа што Ордановски манипулативно го објавува, разузнавачките структури блиски на тогашното СДСМ по ист терк, дури и поригидно, драконски го чинеле.

Се наведуваат во неговата колумна на наводни документирани државни злоупотреби, илегални транскакции како и наводно прислушкување, како што исто така шпекулира и една позната понеделничка новинарска перјаница во еден дневен весник. Ордановски и’ се обраќа на читателската публика со теза дека генерално токму оваа власт се бави со условно и наводно нелегални политички активности, кои патем му се многу добро познати на лицето С. Ордановски кога беше директен учесник, сведок и дел од врхушката на тогашниот СДСМ на Бранко Црвенковски, која најбрутално буквално ги украде изборите во 1994 година, немилосрдно го опљачкаа општествениот капитал во вредност од неколку милијарди американски долари, ја спроведоа најлошата и најмизерната приватизација во цела Источна Европа, според релевантни економски европски институции и оставија над 200.000 македонски граѓани без работа.

Колку што на мене ми е познато Ордановски во тој период беше назначен, па разрешен од директор на МТВ од Мелпомени Корнети и тоа во време на најжестокиот политички судир меѓу Црвенковски и Данаилов-Фрчковски, инаку време кога најбрутално се контролираат сите државни медиумски монополи.

Ако Ордановски веќе пишува за наводно прислушување паѓа директно во голема замка, затоа што ако некој беше промотер и пионер на прислушни активности и илегални операции на македонската СДБ тајна служба е токму неговиот лустриран ментор и личен пријател. Дали заборавил или сака да ги одбегне прашањата за сообраќајната несреќа на првиот министер во МВР, за новинарот Љупчо Анастасовски, за Киро Глигоров, а особено за наводното самоубиство на високиот функционер во МВР г-дин Миле Илиевски кој случајно го изврши делото со повеќе од еден куршум? А за Тања од оделот на петтата управа во МВР, прислушкување, која ја најдоа на падините на Водно подобро и да не прашувам бидејќи тоа не е предмет на ФАКТИ? А, за рушењето на Слаѓана Тасева од „Транспарентност Македонија“, каде беше меѓународно обвинет дека токму таквите активности се за нескротливи желби, може да збориме со факти? Зошто БЦ не го аболицираше најлибералниот премиер од редовите на СДСМ, Владо Бучковски?

На овие прашања едноставно ќе го добијам само оној одговор, кој несомнено политички суштински и веродостојно го донесе Никола Груевски на тронот на македонската политичка сцена: Некои прашања не заслужуваат одговор во далечната 2004 година кога се носеше Законот за територијална организација.

Затоа г-динот Ордановски наместо да ја сонува хрватската приказна на Санадер, Косор и Милановиќ, може слободно да чита и да ја анализира приказната на Бојко Борисов, кој одмараше нешто повеќе од година дена и повторно е премиер на Република Бугарија. Тоа истото е повеќе од јасно дека може да се случи и во нашата мила Република Македонија.

Сакам да кажам дека Зоран Заев може да биде прецизен и во гаѓање на мува во лет за да се направи техничка влада која ќе го контролира изборниот процес, но мора да биде свесен и пред се’ совесен дека во кампањата која ќе следи Никола Груевски ќе вежба спортска дисциплина јавање на бел коњ со кој повторно ќе се врати на чело на Владата на Република Македонија.

На пример Сашо Ордановски и неговите пријатели од т.н. тајни служби треба јасно да се изјаснат за пробата за изборна измама на една агенција за истражување на јавно мислење која го прогласи предвреме г-дин Стево Пендаровски за сигурен Претседател на Република Македонија. Дали на оваа агенцција треба да им се затворат вратите од нивните канцеларии и на нивните сопственици и учесници да им се забрани да работат во истата дејност во наредните 5 години? И тоа се несоборливи ФАКТИ, патем.

Една лекција од медиумскиот бизнис. Ако Владата на Република Македонија ги повлече сите пари од медиумите: Дали знаеш Ордановски дека ќе се случи една негативна и една позитивна работа? Прво негативната. Во старт медиумите за да заштедат трошок ќе намалат вработени и тоа кај новинарите минимум 30 отсто, па реализатори, монтажери, организатори, сниматели… Второ. По 6 до 8 месеци ќе се растрчаат по парите кои ги пропуштаат зошто се успани во делот на маркетинг. Но, клучно е кој ќе ги носи на душа избрканите медиумски работници: Владата, медиумите или Вие. Одговорот е само Вие, кои работите само за себе.

Инаку ако сакате да дискутирате за бизнисот и потребите на сите видови на медиуми слободно Ве повикувам аргументирано да се соочиме на каков сакате начин: телевизиски, радиски или пак текстуално. Јас сам како медиумски работник и Вие сите кои сакате да го прифатите предизвикот.

Инаку еден новинар со работно искуство од 30 години на една независна агенција го има следново мислење за Вас: Овие ли најдоа да зборат?

Бујрум јас Ве чекам.

Авторот е независен медиумски работник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.