На повидок трета фабрика во Битола

Индустриската зона Жабени е првиот проект од големиот бран инвестиции во индустриските зони. Ние се судривме со голема невработеност која ја наследивме од транзицијата и главна тема меѓу граѓаните порано беше невработеноста, затоа размислувавме како да им помогнеме. По сугестија на голем број стопанственици, а идејата беше да направиме индустриска зона, посетивме индустриски зони во Бугарија, Германија, а лично имам посетено такви индустриски зони и во Австралија. Тогаш решивме да го спроведеме тоа и во Битола, рече градоначалникот Владимир Талески, пред почетокот на митингот на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот „Магнолија“ во Битола.

Тој додаде дека зоната ја правеле за домашните инвеститори и дека не очекувале странските инвеститори да инвестираат во неа, но поради условите кои ги дала Владата денешниот резултат е „Кромберт и Шубер“, која има вработено 1.200 лица.

Тој нагласи и дека во индустриската зона, фабрика гради и компанијата „Виндор“  и дека за неполн месец очекува да започне да се гради и трета фабрика која ќе се занимава со производство на чипс.

„Досега имам потпишано осум одобренија за изгарадба на фабрики во оваа индустриска зона и очекувам ова лето да започнат да се градат три до пет фабрики“нагласи Талески и додаде дека Битола е единствената општина која има посебна маркица за филмско студио.