Тантаров: Рано е за проценки за штетите во земјоделството

Се уште е рано да се даваат какви било проценки за штетите од поплавите, велат земјоделците. Најпрво треба да се стабилизира состојбата, а потоа и да се види колку време ќе се задржи водата над површините. Сепак е извесно дека загубите ќе бидат огромни, особено кај есенските посеви во Пелагонија чија сеидба и онака беше преполовена, објави МИА.

– Дождовите дојдоа на веќе заситени почви со вода. Да наврнеа и само пет литри на метар квадратен, ќе беше многу. Сега, во вакви услови, се што требаше да се постигне со минералното ѓубре, отиде бадијала. Растенијата не го искористија. Прашање е дали и да се повлечат водите за 10 до 15 дена по стабилизрање на времето како ќе се изврши првото прихранување без што нема приноси, вели претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

Според него, во Пелагонија, која моментно е едно од најпогодените подрачја, никогаш не врнело во февруари.

– Тука во февруари никогаш немало дождови, ниту со послаб интензитет, особено не обилни како овие од над 50 литри на метар квадратен, додава Тантаров.

Во Пелагонија неколку илјади хектари есеноска беа изорани, но не можеа да се посеат со пченка. Сега не се знае дали ќе може да се посеат и на пролет.

Земјоделците се надеваат на помош од државата. – Се надеваме дека Владата нема да не остави сами. Во рамки на своите можности ќе помогне за излез од оваа тешка состојба, истакнува Тантаров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.