Тарчуловски бара од судот да го слуша Столтенберг во Собрание

Пратеникот ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, бара кривичниот суд да му дозволи на 18-ти јануари да го напушти својот дом на четири часа за да може во Собраниетода го слуша обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Во писмото коешто во понеделникот преку неговиот адвокат Апостолски го испратил до судијката на претходна постапка Весна Димишкова, Тарчуловски пишува дека е свесен дека Собрнието му го одзело имунитетот за да му биде определен домашен притвор, но додава дека во оваа фаза сѐ уште ја извршува функцијата пратеник, пренесува телевизијата Телма.

„Ќе ми биде особена чест и задоволство да го слушам неговото обраќање во Собранието на РМ, бидејќи сум голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и ЕУ. Во таа смисла, сметам дека моето присуство на седницата на која ќе се обрати г. Столтенберг е во насока на реафирмација на моите заложби и ветувања кои ги дадов пред граѓаните на Република Македонија и пред моите гласачи, за целосна и безусловна интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури“, стои во барањето на Јохан Тарчуловски.

Тарчуловски очекува судот да му даде дозвола и затоа што досега не ја прекршил забраната да го напушти домот.