Тарчуловски: Кисела Вода ќе ја направам модерна и мултифункционална општина

Јохан Тарчуловски е кандидатот  за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Кисела Вода.

Од местото пратеник во македонското Собрание има за цел да стане општински татко на своите сограѓани.

Во интервју за КУРИР.МК, тој зборува за неговата визија за Кисела Вода и програмата со која ќе ја побара довербата.

Kако ја прифативте кандидатурата за градоначалник на општина Кисела Вода? Повеќе како чест или обврска?

-За мене кандидатурата за градоначалник на општина Кисела Вода, воедно претставува голема чест но и голема одговорност. Тоа е всушност да си татко на повеќе од 60.000 жители. Засега успешно се снаоѓам како татко на три деца, но повеќе од сигурен сум и убеден дека исто така успешно и ќе ја водам општината. Имам визија и програма со која општина Кисела Вода ќе ја внесам во новата ера и од неа ќе направам една модерна и мултифункционална општина, истакна кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Тарчуловски.

На претстојните локални избори ќе ја побарате довербата од вашите сограѓани. Што ќе понудите во вашата програма?

-Општина Кисела Вода е една од најголемите општини на територијата на град Скопје. Воедно е една и од најстарите и најдиверзитетни општини. Таа е спој на старо со ново и урбано со рурално. Мојата визија и моја цел  е модерна и мултифункционалона општина која ќе ги задоволи барањата на сите нејзини жители. Затоа и доста студиозно,  макотрпно и со  многу анализи се подготвуваше програмата за Општина  Кисела Вода. Морам да кажам дека во изминатиот период е доста сработено, но има уште доста и да се доработи. Ќе продолжиме со подобрување и градење на инфаструктурата, подобрување на патната мрежа, санација,реконструкција на патиштата  и улиците, нивно осветлување и сигнализација, проширување и подобрување на водоводната, атмосферската и канализационата мрежа како и поставување на подземни контејнери и изградба на монтажна  катна гаража во насебата Расадник. Голем акцент ќе биде ставен на зазеленување на општината, изградба и хортикултурно уредување на новите и старите паркови. Опремување на истите со фитнес реквизити, шаховски и пинг понг маси,  нишалки, лизгалки и многу други интересни детски занимации. Ќе се изградат и неколку тениски терени , кошаркарски игралишта, игралишта за мал фудбал со вештачка трева, велосипедска и ролерска патека. Помеѓу зградите ќе никнат Мини детски игралишта со опрема за најмалите како и паркови и игралишта приспособени за децата со посебни потреби. Ќе го зајакнеме локалниот економски развој преку промоција на општината пред домашните и странските инвеститори. Ќе почне да функционира Деловно-Технолошкиот Инкубатор, преку кој ќе обезбедиме помош на невработените млади лица до 29 год кои имаат иновативни проекти, да започнат и развијат свој бизнис. Инкубаторот ќе обезбедува и услуги и ресурси на физички лица и стар ап претпријатија во период од 3 години. Ќе се организираат разни  бесплатни обуки, курсеви и преквалификации за жителите на Општина  Кисела Вода. Во делот на образованието и грижата за децата, планирани се повеќе реконстукции на училишта и градинките, унапредување на нивната енергетска ефикасност. Отварање на 2 нови градинки, во Расадник и Драчево. Спортот како еден од најважните сегменти за здрав и правилен раст на децата ќе го подигнеме на највисоко можно ниво и тоа со изградба на Спортскиот Коплекс Славија, финансиска подршка на спортските клубови на територијата на општината, организирање на спортски училишни натпревари, јакнење и подршка на Сојузот на училишен спорт на Општина Кисела Вода, активно вклучување на лицата со посебни потреби во спотрските активности. Ќе продолжиме со финасиска подршка за новореденче а ќе се воведе  ослободување од финасиски трошоци за градинка и дневен престој на еднородителските семејства.  Ќе се организира  продолжен престој во училиштата под надзор на педагог, за да се излезе во пресрет на обврските на родителите. Училишни униформи за основците, исто така за да се излезе во пресрет на родителите и се намалат нивните трошоци, а воедно и една балансираност и јакнење на чуството за припадност кон една целина на опшеството.  Планираме заживување на младинските и пензионерските клубови. Организирање на голем број на културни и спотрски настани за сите возрани категории. И уште многу други проекти кои општина  Кисела Вода ќе ја  направат најпосакувано место за живеење, образложи Тарчуловски во интервју за КУРИР.МК.

Постојано сте меѓу вашите сограѓани ги ислушувате нивните барања и потреби. Што ви порачуваат тие?

-Да , јас  и моето семејство веќе подолг период живееме во општина Кисела Вода и скоро се познавам  со сите. Често пати додека ги чекам децата од некоја активност со другите родители, дискутираме што е тоа што ни недостасува или ни е потребно во општината. Исто така  и повозрасните жители знаат да ме застанат и да ми кажат самите што би требало Кисела Вода да има или да се подобри. Всушност програмата е одговор на нивните барања и потреби. Се надевам дека ќе ми ја укажат честа и довербата да ги исполнам нивните очекувања и  општина Кисела Вода ја внесам во  Новата ера гордо и достоинствено како што заслужува, вели тој.

Во општина Кисела Вода е многу реализирано изминативе години. Кои ќе бидат вашите приоритети да ги реализирате во најбрз можен рок?

-Донесување на детален урбанистички планови за сите населени места во општината. Решавање на статусот на сите дивоградби. Дозавршување на најважниот и најфрекфентниот  бул. „Борис Трајковски“ и негова доизградба на потегот од Пинтија до Маркова Река. Изградба на спортскиот комплекс Славија. Зазеленување на општината  и изградба на бројни паркови и игралишта. Изградба на монтажна катна гаража. Изградба на 2 нови градинки. Впрочем сите проекти од програмата на ВМРО-ДПМНЕ  за општина Кисела Вода се приоритет и сите ќе бидат реализирани, затоа што тоа е за Наша Кисела Вода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.