Ташевска Ременски побара оставка од Спасов

– За приватни цели и интереси, противзаконски, управувал и располагал возило на Агенцијата за вработување на Република Македонија за што не постои, ниту пак може да постои, некаков документ за користење, решение, полномошно и налог, ја загрозил безбедноста на патниците во сообраќајот, нанаел материјална штета на возилото што го управувал, но и на возилата што ги удрил. Тој противправно трошел средства за гориво на МТСП за потребите на возилото кое не е сопственост на Министерството, и избегал на полицијата со што го попречил полициското постапување за утврдување на негова психофизичка состојба, и надвор од секаква етика и морал поттикнал друго лице вработено во МТСП, а не како негов возач, спротивно на реалната состојба, да ја преземе одговорноста за неговото несовесно постапување, рече Ташевска Ременски образложувајжи ги причините поради кои бара повлекување од функцијата.

Таа информира дека возилото Туарерг кое го користел Спасов во саботата кога се случил инцидентот е сопственот на АВРМ. Ова возило, рече министерката, не е единствено што го користел дополнителнит заменик министер Спасов.

– Противзаконски тој подолго време располагал со уште други три возила кои со одлука на Владата на Република Македонија на 12 август 2015 година се дадени на трајно кроистење на АВРМ, рече Ташевска Ременски.

Според неа, ова значи дека освен Спасов и директорот на АВРМ Влатко Поповски противправно и спротивно на правилникот за користење службени возила во сопственост на Агенцијата овозможил возила на АВРМ да бидат на располагање на неовластени лица надвор од работно време и работни задачи.

– Поради сето ова до Владата на РМ и надлежните органи ќе доставам пријава за злоупотреба на службена положба и овластување од страна на директорот на АВРМ кој спротивно на закон повеќе од двапати е именуван како вршител на должност, а во моментот извршува функција со истечен мандат, рече министерката за труд и социјална политика.

Ташевска Ременски истакна дека во МТСП преземаат мерки за утврдување одговорност за возачот, кој, како што рече, не е возач на Спасов, а ја презел одговорноста за инцидентот во саботата. Од него со писмена наредба било побарано да одговори на прашања кои, како што рече, се од интерес и за неговиот статус, но и за утврдување на одговорноста за несовесното работење во Министерството, но досега не дал одговор.

Министерката го обвини Спасов дека картичката, со која се плаќало гориво за службеното возило кое го користел, ја користел и за полнење гориво на останатите возила кои ги користел а биле од Агенцијата за вработување на РМ. – Со картичката е полнет Туарегот којшто го користел за како превозно средство во повеќе наврати, рече Ташевска Ременски.

Таа очекува МВР да го расветли инцидентот поврзан со дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика со што, како што рече, ќе се покаже неселективност во постапувањето и еднаквост на сите граѓани пред законот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.