Ташевска-Ременски: Потребна поголема превенција на семејното насилство и кривично гонење на сторителите

– Анализите направени на меѓународно и на национално ниво укажуваат дека и Република Македонија е дел од глобалниот проблем на насилство спрема жената и семејното насилство кој бара мултидисциплинарен, односно сеопфатен пристап. Имајќи предвид дека се уште постојат празнини во многу држави вклучувајќи ја и Република Македонија, треба да се согласиме дека е потребно итно да се преземе поголема одговорност во доменот на превенција, спречување и заштита од насилство врз жените вклучувајќи го и семејното насилство, но, исто така и кривично гонење на сторителите, рече министерката Ташевска-Ременски.

При тоа таа потенцираше дека ова е можност за покренување на една заедничка иницијатива за преземање поефикасни мерки од аспект на измена и дополнување на законската регулатива, како и ревидирање на капацитетите на воспоставените механизми за заштита на жртвите во нашата држава.

– Република Македонија ја потпиша Конвенцијата на Совет на Европа или Истанбулската Конвенција за спречување и борба против насилство врз жените вклучувајќи го и домашното насилство во 2011 година, со што се создадоа услови за преземање на конкретни мерки за превенција, заштита на жртвите на  родово базирано насилство, како и кривичен прогон на сторителите на овој вид на насилство вклучувајќи го и домашното насилство, рече Ташевска-Ременски

Додаде дека со донесувањето на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и вградувањето на дел од стандрадите на Истанбулската конвенција направен е исчекор кон унапредување на системот на заштита на жените жртви на насилство вклучително и домашното насилство во граѓанската област.

– Сепак, Република Македонија е едиствената земја во регионот која ја нема ратификувано оваа Конвенција што значи дека ги нема воспоставено во доволна мера стандардите и механизмите што ги бара оваа Конвенција за да се заштитат пред сѐ човековите права на жените и на жртвите на домашното насилство, рече  министерката Ременски.

Спречувањето на насилството, заштитата на жртвите и кривичното гонење претставуваат темел на Конвенцијата. Нејзина цел е исто така промена на начинот на размислување и на менталитетот на поединци повикувајќи ги сите граѓани на едно општество, а посебно мажите и момчињата да ги променат своите сваќања и перцепции во врска со ова.

Исто така, Конвенцијата е првиот меѓународен договор кој ја содржи дефиницијата на род и која воведе неколку кривични дела како што се генитално осакатување, принуден брак, принуден абортус и принудна стерилизација. Тоа значи дека државите за прв пат ќе мораат во својата правна регулатива да ги воведат овие сериозни кривични дела.

– Би сакала да потенцирам дека со  ратификација на оваа Конвенција на Македонија ќе и се отвори и пристап до нови фондови за поддршка на државата во развивање на сервисите и стандардите кои оваа конвенција ги поставува. Исто така,  свесна дека овој процес бара инволвираност на сите релевантни актери на сите нивоа потсетувам дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за заедничка соработка и делување на овој план како со граѓанските така и со меѓународните организации во Република Македонија, рече Ташевска-Ременски.

Свое обраќање на Конференцијата имаше и постојаниот координатор на Обединетите Нации и претставник на УНДП и УНФПА во Република Македонија Луиза Винтон.