Тато Шешељ добро ќе ја протресе власта

Не верувам дека мојот татко ќе го пуштат на слобода. Дај боже да грешам, но мислам дека тоа е само една празна приказна и мачкање на очи пред јавноста. Тие сигурно ќе му постават услови на кои тој нема да се согласи. Еден од тие услови би можел да биде да не се бави со политика, што за него е неприфатливо, рекол во разговор за српскиот весник „Ало“, Никола Шешељ, најстариот син на Воислав Шешељ.

Според него, доаѓањето на неговиот татко добро би ја протресло српската политичка сцена, и дека таа потоа со сигруност воопшто не би била иста.

„Неговото доаѓање, пред се’, би го погодило Александар Вучиќ, па потоа сите други по ред, кои се со него. Моето лично мислење е дека Вучиќ е главниот и одговорен за тоа што Воислав Шешељ сеуште се наоѓа во Хаг. Од 2008 година, кога почна да ја урива партијата, па се до ден денеска, кога е на чело на српската Влада, ниту еднаш не го ни спомна Хаг, ниту пак мојот татко. Верувам дека народот наскоро ќе сфати кој е Вучиќ… Воислав Шешељ е во Хаг само од политички причини! Тоа само луд човек не би го видел. Ниту пак тоа таму е суд. Тие веднаш би го ослободиле, но само ако тој повеќе не се бави со политика. А тој на тоа нема да се согласи“, вели Никола Шешељ.

Тој истакнува дека ако неговиот татко сепак биде ослободен, на аеродром сигурно би го пречекале 100.000 луѓе.

„Сигурен сум дека на аеродром би го пречекале 100.000 луѓе… Не му подготвувам подарок, бидејќи тој не сака подароци. Всушност сака да добие книга, но и нив ги има навистина многу. Мислам дека не би имал време ниту за приватна прослава за неговото враќање. Всушност за ништо би немал време освен за ’исправување на кривите Дрини’, кои ги искривија господата кои беа на власт во изминативе 11 години“, вели Никола Шешељ.

Лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ, вчера го извести Советот на Хашкиот трибунал дека ако биде одлучено тој привремено да биде пуштен на слобода, не прифаќа никакви ограничувања, освен тоа дека нема да ја напушти територијата на Србија. Шешељ, во поднесокот до Хашкиот суд, кој до медиумите го проследила неговата партија, навел дека ако привремено биде пуштен на слобода, нема да се јавува во полиција, ниту пак ќе носи електронска нараквица, или било какви други предмети кои го нарушуваат човечкото достоинство. Тој навел дека активно ќе учествува во политичкиот живот на Србија, на јавните собири, дека ќе дава интервјуа во медиумите, дека ќе гостува во телевизиски емисии и дека „јавно ќе го критикува Хашкиот трибунал како нелегален меѓународен суд“. Шешељ навел и дека ги отфрла било каквите гаранции од владата во Белград.
Од друга страна, пак, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, вчера соопшти дека Шешељ одбил да поднесе барање за привремено пуштање на слобода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.