Македонија,Економија

„ТАВ Македонија“ награден за аеродромот „Александар Велики“

„ТАВ Македонија“ награден за аеродромот „Александар Велики“

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ и во 2013 е најдобар во Европа во категоријата до два милиони патници со што втора година по ред доби потврда дека неговите услуги се меѓу најпрофесионалните на стариот континент. Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI) и во 2012 му го додели ова признание на скопското авиопристаниште што е под концесија на турскиот холдинг „ТАВ Аеродроми“. Со наградата од влијателната глобална платформа на оператори на аеродроми, „Александар Велики“ одново го круниса лидерството демонстрирано преку брзиот развој и постојаното подобрување на квалитетот на услугите.

„Навистина сме среќни што го добивме признанието за „аеродром со врвни услуги во Европа“ кое што се доделува врз основа на анкети кои го мерат задоволството на патниците. Ќе продолжиме на патниците да им посветуваме целосно внимание,“ изјави Зоран Крстевски, генералниот менаџер на „ТАВ Македонија“ на денешната прес-конференција, каде што беше придружуван и од заменикот, Алпер Тунга Ерсој.

Во својата пишана изјава, генералниот директор на Меѓународниот совет на аеродроми, Анџела Гитенс, истакна дека аеродромите се соочуваат со пазар во којшто натпреварот е сè посилен, а побарувачката сè потемелна и затоа е клучно да се биде посветен на остварување и надминување на очекувањата на патниците.

„На менаџерите на аеродромите им требаат факти и конкретни информации за да ги насочуваат своите напори и да ги оптимизираат инвестициите. Истражувањето на советот е алатка што обезбедува податоци кои им помагаат на аеродромите да откријат што патниците најмногу ценат и што треба потоа да направат за да достигнат врвно ниво на корисничка услуга. Резултатите со текот на времето демонстрираат дека аеродромите внимателно ги следат ставовите на патниците и превземаат корективни чекори за подобрување на искуството на нивните потрошувачи. Аеродромите работат посветено да ги подобрат сопствените перформанси преку усвојување стратегии кои се фокусирани на патниците,“ вели Гитенс во изјавата.

Меѓународниот совет на аеродроми ја спроведува програмата за „квалитет на аеродромски услуги“ (ASQ – Airport Service Quality) од 2006 година со цел да го мери задоволството на патниците на аеродромите членки на организацијата. Во текот на минатата година над 200 аеродроми од 50 земји учествуваа во програмата, а повеќе од 400.000 патници беа интервјуирани за услугите. По комплетирањето на испитувањето, што се спроведува на месечно ниво секоја година, награди се доделуваат во категориите според големина, регион, број на патници, како и постигнат напредок.