Театарот за деца и младинци го одбележа 26-тиот роденден

Театарот за деца и младинци го одбележа 26-тиот роденден
Театарот за деца и младинци го одбележа 26-тиот роденден

Театарот за деца и младинци денеска одбележа 26 години постоење. Единствениот национален театар за најмладата публика почна да работи пролетта 1990-та со претставата „Силјан Штркот“ во Универзална сала изведена пред две илјади деца, а три години подоцна доби и свој простор во кој работи и денес. Оттогаш е и амблемот на овој театар – два прегрнати штрка.

Директорот на ТДМ Братислав Димитров рече дека прославата на роденденот е убав повод за средба и оддавање почит на сите претходни генерации кои, како што рече, својата фантазија и дарба ги вградиле во темелите на овој театар.

– Ова е најважното место на светот, тука децата ја учат основната разлика помеѓу доброто и злото, ја развиваат својата фантазија, стануваат интерактивни со сцената и го развиваат својот социјален аспект по секоја претстава, истакна Димитров.

На роденденот на ТДМ присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која им се заблагодари на сите актери и вработени во институцијата кои се вложиле во нејзиниот развој.

– Театарот за деца и младинци е двигател на културниот живот во Македонија, кој има придонес и во едукација на младата популација. Се сеќаваме на многу претстави, како „Девојчето со кибритчињата“, „Петар Пан“, „Македонска приказна“, „Могли“ и многу други. Посебно ми е драго што со овој настан им се оддава почит на генерациите кои растеа и живееја со овој театар. Министерството за култура дава силна поддршка на ТДМ, издвоивме средства за реконструкција на оваа значајна институција, доделена и е опрема за сценската технологија, се подобрија условите, а имаше и голем број вработувања на актери, драматурзи и режисери, изјави Канческа-Милевска.

Преку инсерти од некои од вкупно 59-те премиери колку што се поставени на сцената на ТДМ, беше прикажан развојот во изминатите 26 години во кои театарот имал повеќе од 300.000 посетители.

– Најважните луѓе во оваа наша уметност се децата. Децата што ќе ги испуштиме на оваа возраст, кога овде ги собира Театарот за деца и младинци, повеќе никогаш нема да можеме да ги вратиме во гледалиштето. За да можеме да успееме да ги собереме и додржиме, мора да сме точно вакви каков што е овој театар – динамични, интелигентни, креативни до немајкаде, ангажирани и фанатични, рече театрологот проф. Јелена Лужина, која се осврна на историјатот на овој театар.

Театарот за деца и младинци прв по осамостојувањето на Македонија успешно излезе надвор од границите и се врати со награда – за претставата „Принцезата на зрно грашок“. Таа до денес е одиграна 261 пат и е најизведуваната претстава во историјата на овој театар. Најтрофејната претстава на ТДМ и втора по број на изведби (151 до сега) е „Македонска приказна“.

ТДМ ја подготвува 60-тата премиера, а оваа година со поддршка на Министерството ќе има четири премиери. Театарот е носител и на голем број меѓународни награди. Неодамна се врати од фестивал во Измир, а има покани од Германија, Романија и Бугарија. Екипа од ТДМ работи на меѓународен проект финансиран со грант на ЕУ, во кој се вклучени и Словенија, Србија и Норвешка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.