Течат роковите за поднесување понуди за изградба на три училишта

Согласно инвестицискиот план на Министерството за образование и наука, во тек се јавните повици за изградба на три нови училишта, со кои значително ќе се унапредат условите за следење на настава на голем број на ученици.

Станува збор за изградба на нов објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром  со површина од 2100 м2 и капацитет од 600 ученици. Инвестицијата е околу 1,2 милиони евра, а рокот за прибирање на понудите ќе трае до 14 март, по што ќе следи евалуација и избор на најповолен понудувач, односно компанија која ќе го изгради новиот објект.

Согласно очекувањата, градежните активности ќе почнат во текот на месец мај, истакна заменик министерот за образаование и наука Спиро Ристовски, при посетата на Општина Гази Баба минатата недела.

Тој додаде дека по изградбата на новиот училишен објект ќе се започне со постапка за изградба на спортска сала во рамки на ова училиште.

Вториот јавен повик за изградба на нов објект се однесува за ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, кое што ќе биде со површина од 2.840 квадратни метри и наменет за 700 ученици, односно по 350 во една смена. Инвестицијата, исто така се проценува на 1,2 милиони  евра, а прибирањето на понудите трае до 28 февруари.

Третиот јавен повик за прибирање на понуди за доградба на училници и дополнителни простории за потребите на подрачното основно училиште “Кирил и Методиј“ во тетовското село Фалише, исто така трае до 28 февруари.

Дополнително од МОН информираат дека е изготвен основен проект за објект на ново основно училиште во населбата Визбегово и во моментов е во тек постапка за избор на компанија за надзор на градежни активности, а наскоро по добивањето на позитивно мислење од страна на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, ќе биде објавена и постапката за избор на компанија која ќе го изгради овој објект.

Со овие нови инвестиции во образовната инфраструктура, ќе се зголеми бројот од 74 ново  изградени училишта во изминатите неколку години.