Техничките производи, гаранцијата и сервисирањето најчестите поплаки од потрошувачите во 2014

Најдоминантен проблем со кој потрошувачите се соочиле во текот на минатата година се неквалитетни технички производи, гаранцијата и сервисирањето.

Според податоците на Организацијата на потрошувачи на Македонија, во овој домен најмногу жалби од страна на потрошувачите има за мобилните телефони, за кои тие се жалеле дека ги купиле како неисправни, дека премногу брзо се расипале, оти гаранцијата им е поништена од нејасни причини и не по нивна вина. Со помал интензитет поплаките се ондесувале и на лап-топ, таблет и декстоп компјутерите. Жалби пристигнувале и за производите од бела техника како што се фрижидери, шпорети, рерни и др. мали кујнски апарати и други технички апарати – телевизори, камери, косилки за трева, клима уреди, грејни тела.

Помал број потрошувачи во текот на годината се пожалиле на квалитетот на одредени делови за автомобилите, а најчесто се работело за неквалитетни акумулатори кои пројавувале недостаток во гарантен рок.

Од производите за лична употреба најчесто потрошувачите имаа проблем со чевлите кои им се оштетиле за само неколку дена, а потоа следи неквалитетната облека која, исто така многу брзо се оштетувала или избледувала. Во одредени периоди забележан е и пораст на поплаките за накит и видови асесоари, за кои потрошувачите пројавија сомневање за квалитетот, имаа проблеми со гаранцијата за нив, како и со сервисирањето.

Во делот на услугите потрошувачите најчесто се жалеле на туристичките аранжмани, најчесто поплаките пристигнувале во летниот период за време на годишните одмори, а поплаките се однесувале на неисполнување на дел од понудите и целосно откажување на аранжман. Дел од советувањата се однесуваа и за хемиското чистење на облека, каде проблемот претежно е дека при вршење на услугата облеката била уништена или оштетена.

Во делот на телекомуникациските услуги најголем дел на поплаките се однесуваат на мобилната телефонија, т.е. за сметките од мобилните оператори, а особено овој проблем е застапен во летниот период каде имало дополнителни трошоци за роаминг во странство, како и за остварен интернет сообраќај во и надвор од земјата.

Потрошувачите се жалеле и на операторите за телевизиски услуги кои најмногу реагирале на висината на сметките и неисполнување на делови од договорот, како што се на пример членовите за бројот на канали кои операторот треба да ги обезбеди.

Од проблемите со јавните претпријатија, најголем број на поплаки се однесуваат на испораката на електрична енергија, каде што потрошувачите се жалат за најразлични работи, а еден од најчестите проблеми сеа механичка пресметка на потрошена електрична енергија на сметките, а имаше и поплаки за висината на напонот на електричната енергија, работењето на мерните апарати и проблеми при вклучување или исклучување од мрежата.

Проблем имале и со испораката на топлинска енергија, каде најчесто се жалеле на сметките особено на оние кои се исклучени од мрежата и добиваат паушални сметки, а голем број потрошувачи се пожалиле и на квалитетот и интензитетот на греењето во грејната сезона.

Дел од потрошувачите искажале проблем со водоводот и смет, каде што најчесто се жалеле на висината на сметките или проблеми со испораката на вода или редовноста во собирањето на сметот.

Помал дел потрошувачи се пожалија на квалитетот на јавниот превоз, пред се за автобусите линии, но и такси службите.

Потрошувачите од Скопје се пожалиле и на проблемите кои ги имале при користење на „Градски паркинг“ и „Паркинзи Центар“, а жалбите се однесуваа во проблеми со наплатата, висина на сумата на услугите и условите под кои се нуди услугата.

Во доменот на храната потрошувачите се жалеле на квалитетот на храната што ја купиле, тие велеле дека често се случило да купат храна со поминат рок, дека нашле страни предмети во храната или пак храната немала декларација на македонски јазик и кирилско писмо. Голем дел од поплаките се однесуваа на готвена храна која се продава во одредени маркети.

За финансиските услуги поплаките се однесуваат за потрошувачките кредити кои ги земале потрошувачите или планирале да ги земат. Потоа се жалеа на проблеми со дебитните и кредитните картички, во однос на тоа дека им биле наплатувани дополнителни непредвидени трошоци.

Во делот на осигурувањето потрошувачите најмногу имаа проблем со осигурувањето на возилата, цената за осигурување, проблеми при исплатата, склучувањето на договор за осигурување.

Лековите биле најчест проблем на потрошувачите во делот на правата на пациентите, а потоа следуваат стоматолошките услуги или квалитетот на ортопедските помагала.

Во делот на домување, најчест проблем на потрошувачите се куќните совети, процесот на нивно формирање, управување со зградата и проблеми при склучувањето на договор со фирма која ќе го врши управувањето со зградата.

Во текот на 2014 година во Организацијата на потрошувачите на Македонија се направени 3.263 советувања од кои 1.092 во советодавните бироа на организациите во Штип (292), Кочани (294), Тетово (150), Охрид (124), Битола (232), а 2.171 советувања во советодавното биро на ОПМ во Скопје. Од советувањата 2.788 беа општо правни советувања, а 475 беа специјалистички за исхрана, финансиски услуги, права на пациенти и домување.