„Техникал текстаил“ во Штип ќе изработува производи од стаклена волна

Во градот на текстилот, Штип ќе се отвори нова фабрика која за потребите на индустријата ќе изработува поинаков тип на волна. Станува збор за инвестицијата на германската компанија „Техникал текстаил“, која изработува широка палета на производи од стаклена волна.

Очекувањата се дека до крајот на мај ќе започне со производство новата фабрика во технолошко индустриската развојна зона – Штип. Фабриката ќе вработи вкупно околу 1.000 луѓе.

„Техникал текстаил“ е компанија која изработува широка палета на производи од стаклена волна. Нивните производи во главно се за потребите на градежништвото, во изработката на фасадните системи (во внатрешноста и во надворешноста од објектите). Производите се наменети за индустријата (автомобилската индустрија, изработувачите на профили и бродоградежништвото).

tehnikal_tekst_@

Станува збор за производи од стаклена волна со највисок квалитет.

Во 2002-та компанијата „Техникал текстаил“ отпочна нова производствена програма за композитна и пластична поддршка.

Производите се дистрибуираат на пазарите во Европа, Северна Америка, Австралија и Далечниот Исток.

Во понеделникот директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и сопстевникот на германската компанија Техникал текстаил, Јенс Вендланд го потпишаа договорот за реализација на инвестицијата.

-Планиравме првично инвестицијата да биде во Абу Даби, меѓутоа кога ги видовме условите во Македонија, го променивме мислењето затоа што тука работите се одвиваат многу брзо. Во Абу Даби за реализација на инвестицијата ни беа потребни 2 години, тука во Македонија од првиот состанок до сега нема поминато една година, што е многу добро време, рече Вендланд.

Во новата фабрика во Штип ќе се произведуваат производи од стаклена волна, но сопственикот Вендланд најави дека доколку се оди според очекуваното, компанијата планира за една година да отвори ново производство за алуминиум и пластика.

tehnikal_tekst_3

Инаку, германската компанија веќе има свој производствен погон во Словачка, каде веќе се испратени првите 50 вработени од Македонија на обука. По враќањето на овие лица, во фабриката во Штип веднаш ќе бидат вработени уште 300 – 400 нови лица.

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо по потпишувањето на договорот истакна дека со сопственикот на „Техникал текстил“ веќе се во разговори за тоа кои се другите потенцијални инвестиции не само од неговата компанија туку и нивните бизнис партнери.

Инаку, странските инвестиции во Штип дополнително придонесуваат да се намали бројот на невработени како во самата општина, така и во околните општини.

Според податоците кои ги добивме од општина Штип, ако во 2006-тата бројот на невработени изнесувал 12.700 лица, во моментов невработени се само околу 2.400 лица и има тендеција и тие да се вработат. Според овие бројки, за последните осум години, во општината се вработиле над 10. 000 луѓе.

фото: tech-tex.sk/