„Техникал текстил“ накоро почнува со работа во Штип

Наскоро со работа во слободната економска зона во Штип почнува и германски „Техникал Текстил“. Компанијата веќе стави потпис на договорот за вложување, а капацитетот е во финална фаза од изградба, пишува „Лидер“.

Сопственикот на компанијата  Џенс Вандланд вели дека веќе почнале со носење на првите машини во Македонија. Првите 25 машини се инсталирани, а првите 50 лица се обучени во Словачка, каде што е матичната компанија.

-Во иднина ќе вработиме 200 лица, а на крај ќе има 1.000 вработувања. Моментално бараме работници, администрација и така натаму и многу сме задоволни со работата на луѓето од Македонија. Гледаме добра иднина. Имавме дискусии и со други земји, а многу сме среќни што дојдовме во Македонија.  Моментално разговараме за нови инвестиции  и повторно ќе инвестираме во Македонија, вели Вандланд.

Првиот човек на компанијата нагласува дека ова е само почеток и мисли дека во иднина ќе направат и многу повеќе.

-Задоволни сме од соработката со Владата, многу ни помагаат. Сите институции соработуваат професионално и гледаме добра шанса и за други инвеститори. Би било супер да најдеме добри работници тука. Ако некој е заинтересиран за разните професии може да побара на интернет на нашата веб страна и би било супер да имаме многу кандидати, вели Вандланд.

Потпишаниот договор со „Техникал Текстил“, инвестиција вредна 10 милиони евра, предвидува отворање на 1.000 работни места.