Технолошкиот сектор го поттикна растот на Волстрит

На Волстрит во понеделникот индексот S&P 500 достигна ново рекордно ниво, како и Nasdaq, што најмногу се должи на натамошниот раст на цените на акциите на технолошките компании.

Индексот Dow Jones зајакна 0,49 отсто, на 38.778 поени, додека S&P 500 порасна за 0,77 отсто, на 5.473 поени, а Nasdaq 0,95 отсто, на 17.857 поени.

Вчера, како и минатата седмица, најмногу пораснаа цените на акциите на производителите на чипови и технолошки компании, па S&P 500 и Nasdaq достигнаа нови рекордни нивоа.

Иако немаше нови значајни вести, цената на акцијата на „Apple“ порасна за 2 отсто, а на „Microsoft“ за 1 отсто. Поскапеа и акциите на другите технолошки гиганти, како „Alphabet“, „Amazon“, „Meta Platforms“…

Оваа седмица ќе бидат објавени новите макроекономски податоци кои ќе го покажат „кондицијата“ на американската економија, а на различни состаноци ќе зборуваат и бројни претставници на американската централна банка. Минатата седмица Fed објави проценки дека ќе ги намали каматните стапки само еднаш до крајот на годината, бидејќи инфлацијата и натаму е значително повисока од целното ниво од 2 отсто, но инвеститорите се надеваат на позначително намалување на цената на парите.

По силниот скок на цените на акциите во последните седмици, аналитичарите ги зголемуваат своите проценки за растот на индексот оваа година. Поради силниот технолошки сектор и ентузијазмот на инвеститорите за развој на вештачка интелигенција, аналитичарите на „Goldman Sachs“ проценуваат дека S&P 500 ќе ја заврши годината околу 5.600 поени, а не околу 5.200 поени, како што претходно очекуваа. Аналитичарите на „Evercore ISI“ ја зголемија проценката за раст на индексот S&P 500 од претходните 4.750 на 6.000 поени.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс се лизна 0,06 отсто, на 8.142 поени, но франкфуртски DAX порасна за 0,37 отсто, на 18.068 поени, а париски CAC 0,91 отсто, на 7.571 поени.