Текстилните компании од Македонија и Србија заедно пред европските партнери

Текстилни компании од Македонија и од Србија преку вмрежување заеднички ќе настапуваат пред европските партнери.

Во Србија денеска се одржуваат средби меѓу македонски и српски компании, а целта на вмрежувањето е да се претстави поголем вкупен капацитет за производство, со оглед на тоа дека Македонија и Србија се меѓу најповолните дестинации за брза испорака на мали серии до европските производители на брендирана облека.

Средбите ги организира Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, заедно со Стопанската комора на Србија и Текстилното трговско здружение на Македонија-Текстилен кластер, а поддржана од македонската Амбасад во Белград.

– Секторот текстил и облека е една од најважните индустриски и извозни гранки на Република Македонија. Стратешкото значење доаѓа од големината на извозот што овој сектор го креира (400 милиони евра годишно), од бројот на луѓе кои ги вработува (40.000) и од значајното учество во индустрискиот БДП на Македонија (17%). Целта на настаните е вмрежување на компании производители на текстил и облека од двете земји и остварување контакти од кои ќе произлезе конкретна соработка. Македонскиот текстилен потенцијал беше претставен  од страна на учесниците на настанот – производители на женска и машка горна и дола облека, џинс и фротир, вели Наташа Сивевска, извршен директор на Текстилниот кластер.

Вмрежувањето е корисно и заради отворање дискусија за понапредни облици на соработка, како заеднички развој, брендирање и настап на трети пазари.

Денешниот настан е еден во низата секторски B2B настани кои Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ќе ги организира во соработка со Стопанската комора на Србија. Целта е и претставување на македонските текстилни производители на српскиот пазар и остварување контакти со текстилни компании, производители на облека, производители и трговци на такенини, производители на сопствен бренд производ, на облека за деца, застапници и друго.