Македонија

Телефонската линија за медицински совети – „Ало докторе“ досега со 36.000 повици

Телефонската линија за медицински совети – „Ало докторе“ досега со 36.000 повици

На телефонската линија за медицински совети – „Ало докторе“, која Министерството за здравство ја воведе пред околу осум месеци, досега се регистрирани вкупно 36.000 телефонски повици од граѓани кои побарале стручни совети за различни здравствени состојби.

На телефонската линија „Ало докторе“ се добиваат медицински совети за здравствени состојби кај кои може да се делува со симптоматска терапија. Со воведувањето на оваа телефонска линија се овозможи и растоварување на повиците кон Итната медицинска помош.

Граѓаните најчесто се консултираат за здравствени проблеми со висок крвен притисок, покачена телесна температура, главоболка, како и во врска со нега на новороденчиња, исхрана на новороденчиња, и сл.

Повикувачкиот центар е сместен во просториите на Итната медицинска помош до поликлиниката Букурешт. Бројот (02) 15123 е достапен 24 часа за граѓаните од целата држава, а за одговарање на повиците се ангажирани вкупно 22 доктори од повеќе медицински специјалности.